Шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејсус, денеска соопшти дека досега се идентификувани вкупно 11 случаи по појавата на хантавирус на крузерот „Хондиус“, вклучувајќи и три смртни случаи.

Гебрејсус во Мадрид изјави дека девет лица биле позитивни на вирусот, а два дополнителни случаи се сметаат за веројатни инфекции. Сите засегнати поединци се изолирани и внимателно се следат за да се намали ризикот од понатамошно пренесување – рече Тедрос додавајќи дека веројатноста за пошироко меѓународно ширење останува ниска.

Сепак, тој напомена дека дополнителни случаи би можеле да бидат идентификувани во наредните недели со оглед на долгиот инкубациски период на вирусот.

– Секоја од земјите во кои се враќаат патниците е одговорна за следење на нивната здравствена состојба – рече тој на прес-конференцијата заедно со шпанскиот премиер Педро Санчез.

СЗО препорачува строг надзор – дома или во наменски објекти – до 21 јуни. „Хондиус“ се закотви во неделата наутро на шпанските Канарски Острови. Патниците беа вратени со специјални летови, а евакуацијата беше завршена синоќа. Бродот, со кој управува холандската компанија Oceanwide Expeditions, во меѓувреме замина за Холандија со минимален екипаж.

СЗО верува дека жариштето можеби потекнува од холандска двојка, која веројатно се заразила во Јужна Америка пред качувањето. Тие први се разболеле и подоцна починале. Речиси 150 луѓе од 23 земји беа на бродот кој тргна од Аргентина на 1 април. Последната жртва беше Германка, која почина на бродот на 2 мај.

Тедрос го поздрави извонредното справување на Шпанија со евакуацијата на десетици патници и екипаж на островот Тенерифе.

– Му благодарам на премиерот Санчез не само за исполнувањето на законската обврска на Шпанија според меѓународното право, туку и за извршувањето на моралната должност да покаже солидарност, сочувство и љубезност кон патниците на бродот – рече Тедрос.

Санчез, од своја страна, им се заблагодари на околу 400 вработени вклучени во операцијата велејќи дека Шпанија ги исполнила своите одговорности и кон своите граѓани и кон меѓународната заедница, и покрај тоа што Тенерифе се противеше на дозволата, бродот да се закотви таму