Претседателката Гордана Силјановска Давкова го предложила универзитетскиот професор Трајко Славески за гувернер на НБРМ – потврдува за Радио Лидер високо позициониран извор.
За оваа информација претходно шпекулираа неколку портали, но за нас стигна потврда од неколку места.
Во меѓувреме, за одлуката потврдија и од кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Ве информираме дека Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова до Собранието го достави предлогот проф. д-р Трајко Славески да биде именуван за гувернер на Народната банка.
При донесувањето на одлуката, Претседателката се водеше од стручноста и компетентноста, дигнитетот и интегритетот, како и реалната можност за именување на кандидатот.
Би сакале да потенцираме дека изборот беше тежок, со оглед на докажаниот квалитет на сите кандидати.
– Очигледно е дека претседателката долго време одмеруваше дали на оваа позиција ќе дојде Трајко Славески или Зоран Ставрески, затоа што и двајцата се навистина квалитетни, но очигледно е дека на крајот пресекла за колегата професор. – вели нашиот извор.
Сега на потег е Собранието кое треба да гласа за предлогот.
Во овој момент господинот Славески е претдедател на Советот на Град Скопје.
Трајко Славески (Охрид, 22 септември 1960година) — македонски економист, професор на Економскиот факултет во Скопје и поранешен министер за финансии (од 2006 до 2009 година) и министер за развој (од 1999 до 2000 година) во владите на ВМРО ДПМНЕ.
Славески дипломирал на Економскиот факултет во Скопје во 1983 година, а магистрирал и докторирал на истиот факултет во 1988 и 1997год., респективно. Последипломските студии ги завршил на Калифорнискиот државен Универзитет во Чико, САД (1986 – 1987 г.) и на Универзитетот Харвард (1989 – 1990 г.). Во март 2003 година бил избран во звањето вонреден професор за предметите Макроекономија и Државна регулација.
Славески бил визитинг-професор на Државниот Универзитет во Аризона во 1997 год. Од 1999 год., предавал на последипломскиот студиум „South Easteren European Studies“ на Националниот и каподистриски Универзитет во Атина, Грција.
Славески е автор и соавтор на пет книги и бројни статии, објавени во Македонија и странство, во научни и стручни списанија, од областа на приватизацијата, економското преструктуирање, економскиот растеж и развој, економските и социјалните функции на државата и др. Учествувал на голем број меѓународни конференции посветени на транзицијата и развојни прашања. Бил раководител на неколку владини проекти од кои произлегле официјални владини документи, како, на пр: Среднорочната стратегија за развој и реформи „Македонија 2003“, (2000 година) и Националната стратегија за намалување на сиромаштијата (2002 година).
Полиња на професионален интерес: микроекономија и макроекономија; политичка економија на транзицијата и приватизацијата; бизнисот и владата (државата); економските и социјалните функции на државата; економика на работната сила; економика на корупцијата и организираниот криминал.
Славески е член на неколку меѓународни истражувачки мрежи. Претседател е на извршниот одбор на невладината организација АМЕ (Асоцијација за модерна економија) со седиште во Скопје и Тетово.
Во периодот 1999 – 2000 год., година Славевски бил министер за развој во владата на Љубчо Георгиевски. Од ноември 2000 до септември 2002 г., ја вршел функцијата советник на министерот за финансии и национален координатор за подготовка на „Националната стратегија за намалување на сиромаштијата“. Во мај 2005 година бил избран за потпретседател на ВМРО ДПМНЕ. Од април 2005 до август 2006 година бил член на Советот на град Скопје. По победата на ВМРО ДПМНЕ на парламентарните избори во 2006 година, на 27 август 2006 година бил избран за министер за финансии. Оваа функција ја извршувал до 10 јули 2009 година, кога бил разрешен од Собранието.