Со учество на преку 11.000 натпреварувачи од 53 држави, утрово во 8 часот почнува 19. издание на Виз Ер Скопски маратон.

Покрај маратонската трка (42,195 км), ќе се одржат и полумаратон (21,097 км), штафетен маратон (двајца по 10, двајца по 11 км) и трка на 5 км.

Поради најголемата спортска манифестација во нашата земја, во периодот од 4 часот изутринава до 15 часот, низ скопските улици ќе има привремен режим на сообраќај. Организаторите на Виз Ер Скопски маратон упатуваат апел до сите граѓани да ги почитуваат поставените сообраќајни знаци и да ги користат алтернативните решенија за сообраќај.

Затворени за сообраќај ќе бидат следните улици: ул. Димитрие Чуповски, дел од булеварот Климент Охридски, улицата Свети Кирил и Методиј, улицата Митрополит Теодосиј Гологанов, улицата Васил Чакаларов, улицата 11ти Октомври, дел од булеварот Крушевска Република, улицата Есенинова, Трета Македонска Бригада, булевар Србија (десната коловозна лента од семафорите со раскрсницата булевар Јане Сандански до семафорите кај Крстот), дел од булеварот Јане Сандански (едната коловозна лента од семафорите кај Мајчин Дом до семафорите со булевар Србија).

Одржувањето на Виз Ер Скопски маратон 2023, покрај генералниот спонзор Виз Ер, го помогнаа покровителите Град Скопје, Агенцијата за млади и спорт, Канцеларијата на Европската Унија, Македонски олимписки комитет и други спонзори.