Осум лица се повредени во тешка сообраќајна несреќа која утрово се случи на патот од излезот на Битола кон Прилеп. Повредените патници се пренесени во Клиничката болница во Битола.
Директорката Ненси Лозанче соопшти дека еден од повредените се оперира, а другите засега се во стабилна состојба. Од пациентите двајца се на Одделението за ортопедија, а останатите 6 на хирургија.
„Клиничката болница е спремна да одговори на задачата. Сите пациенти се следат и доколку е потребно ќе се интервенира“, рече Лозанче.
Во сообраќајката утрово во верижниот судир учествувале четири возила, а сообраќајот на оваа делница е во целосен прекин од 09:00 часот.
Веднаш по добиената пријава, на терен излегле екипи на СВР Битола, Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Битола и Службата за итна медицинска помош.
Патниот правец Битола – Прилеп и понатаму е затворен за сообраќај во двата правци. На местото на несреќата се врши увид од екипи на СВР Битола и надлежен јавен обвинител, по чие завршување се очекуваат повеќе информации за причините за несреќата.
