ДУИ реагира дека Град Скопје ги коригирал фотографиите на влезните билборди по реакциите во јавноста, но и по интервенцијата не бил додаден албанскиот јазик. Од партијата оценуваат дека тоа покажува оти градските власти можеле веднаш да постапат, но свесно одлучиле да го игнорираат двојазичниот и мултиетничкиот карактер на Скопје.
Според ДУИ, исклучувањето на албанскиот јазик од официјалните натписи во двојазичен град претставува сериозна политичка и институционална провокација, како и прекршување на законот.
Од партијата бараат билбордите итно да бидат повторно коригирани и на нив да биде поставен и албанскиот јазик, во согласност со законските обврски и со реалноста во главниот град.
„Доколку законот не биде спроведен, ќе ги преземеме сите правни, институционални и демократски мерки за заштита на албанскиот јазик и достоинството на Албанците“, порачаа од ДУИ.
Од партијата политичката одговорност за, како што велат, континуираното игнорирање на Албанците ја насочуваат кон ВЛЕН. Според ДУИ, со својата вазалност ВЛЕН создал уверување дека интересите и правата на Албанците можат да бидат прекршувани без никакви последици.
