Нов буџет, стара кавга
Американскиот Сенат вчера го изгласа контроверзниот буџетски закон, поддржан од претседателот Доналд Трамп, што повторно ги вжешти тензиите меѓу него и милијардерот Илон Маск. Кавгата, која трае со месеци, доби ново масло на огнот кога Трамп во изјава за Дејли Меил даде неочекуван коментар на прашањето дали ќе го депортира Маск.
-
„Не знам. Ќе видиме. Можеби ќе треба да му го пуштиме DOGE. Знаете што е DOGE? Тоа е чудовиште што можеби ќе треба да се врати и да го изеде Илон“, изјави Трамп, со што предизвика лавина реакции на социјалните мрежи.
Субвенции, сателити и закани
Претседателот ја искористи ситуацијата за да го нападне Маск и неговите компании, посочувајќи дека Tesla и SpaceX се изградени врз „огромна државна помош“.
-
„Без субвенции, Илон ќе мораше да затвори, да се врати во Јужна Африка, без ракети, сателити и електрични коли“, напиша Трамп на неговата платформа Трут Соушл.
Тој го повика Одделот за ефикасност во Владата (DOGE) да ја испита оваа помош и да предложи кратење на таквата јавна потрошувачка.
Маск враќа со критики
Конфликтот кулминираше поради новиот даночен и буџетски закон, кој Маск го нарече „луд и деструктивен“, предупредувајќи дека ќе го зголеми државниот долг и ќе ги избрише заштедите што, според него, ги постигнал преку DOGE.
И покрај тоа што Маск донирал речиси 300 милиони долари за Трамп и други републикански кандидати, тој сè почесто јавно го критикува претседателот за економските политики и несериозниот однос кон фискалната дисциплина.
Останува прашњето кој ќе биде епилогот од оваа кавга. Довчерашните најблиски соработници и покрај тоа што се во скар-смир релација, овојпат дефинитивно е најкритично до сега.
