Пожар избувна денеска на пладне кај Струмица на депонијата во близина на селото Баница, а потоа пожари избувнале на уште десетина места, каде горат стрништа во областа Софилар, во непосредна близина на градот.
Густиот чад може да се забележи оддалеку, а остатоци од изгорениот материјал силниот ветар ги носи и до централното градско подрачје.
Според командирот на ТППЕ Струмица, Александар Гудев, во гаснењето на пожарите се вклучени 20 пожарникари и три против пожарни возила.
-Засега нема посериозни штети предизвикани од пожарот освен што е изгорен еден сосема мал дел од покрив на една винекдичка. Првиот повик дојде за запалена депонија во близина на селото Баница, а набргу потоа пожар избувна на уште десетина други локации каде горат стрништа, изјави Гудев.
Додава дека пожарите се под контрола и се локализирани, но силниот ветар го отежнува гаснењето.