Како што информираше градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиевски, хеликоптерот е на Армијата на Република Македонија, а се работи за пожарот кој што влезе од Албанија пред шест дена.

– Синоќа се смени ветрот и се спушти подолу и денеска мораше да се интервенира со хеликоптер. Денеска со еден, утре најверојатно со два, а ќе има и интервенција со луѓе, изјави градоначалникот за МИА.

Изминатите шест дена високо на Галичица гореше ниска трева, а веќе од синоќа е зафатен мал дел од шумата, долу на 1.600 метри надморска височина.

На прашање на МИА какви се очекувањата за локализирање на пожарот, градоначалникот изјави дека ќе биде завршен до утре, најдоцна до задутре и, како што рече, ,,ако имаме среќа да заврне, ќе ни помогне”.

Според најавите во текот на утрешниот ден ќе се делува со две летала од воздух. А ќе интервенираат и претставници на Центарот за управување со кризи, НП „Галичица“, Дирекција за заштита и спасување, Територијалната противпожарна единица од Охрид и Службата за спасување на планина од охридскиот Црвен крст.

Од Општина Охрид велат дека се разгледува можноста да бидат вклучени и доброволци, доколку е тоа потребно.

Надлежностите за координацијата за справување со пожарот ги презема локалната самоуправа откако беше укината кризната состојба во која што надлежностите ги имаше Центарот за управување со кризи.

Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов денеска на прес-конференција појасни дека овој пожар е карактеристичен по една непријатна и ризична работа, а тоа е големиот број на експлозивни средства и направи, гранати, куршуми и разни други експлозивни средства што се наоѓаат и по самиот срт каде започна пожарот и истите се протегаат до подножјето во самата шума.

-Овој пожар е четврти пожар на истото ова подрачје во последните 10-15 години според оние расположливи информации до коишто дојдовме. При секој пожар од местото каде што гори се слушаат детонации, експлозии, истрели од куршуми. Палењето на тревата создава температура што ги активира овие минско експлозивни средства, коишто кога човек би згазнал на нив не би се активирале, бидејќи се стари повеќе од 100 години, вели Ангелов.

Тој истакна дека во текот на денешниот ден, од раните утрински часови до сега се слушнати најмалку три експлозии, што значи дека ова место каде што во моментов гори пожарот не е безбедно за пешадија, ниту за летање со хеликоптер.