Пожарот во Беровско и понатаму се гасне, а пожарникарите и луѓето од Берово кои учествуваат во неговото гаснење ќе останат на терен се до негово целосно локализирање. Сашко Руменовски, командир на Територијалната противпожарна единица од Берово информираше дека покрај гаснењето од земја од утрово повторно имаат и воздушна поддршка.
-Со цел скратување на времето за полнење вода од Беровско Езеро во село Будинарци поставен е импровизиран базен, од каде хеликоптерот ќе полни вода заради побрза интервенција, вели Руменовски.
Додава дека од утрово контролата за справувањето со огнената стихија ја презел Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за кризи.
Според проценките на ТППЕ Берово, досега од пожарот е зафатена високостеблеста дабова и букова шума со површина од 50 хектари.