Пожар во Битола: Изгореа три автомобили, едниот поврзан со бизнисменот Христо Кондовски

Три автомобили целосно изгореа ноќеска околу 20 минути по полноќ на улицата Леринска во Битола, откако непознат сторител фрлил запаллива течност врз едно од возилата. Првично бил зафатен автомобил марка „Тојота рав“ хибрид, по што огнот се проширил и на уште две возила – „Пасат“ и „Дачија“, кои биле паркирани во непосредна близина.

Интервенирале противпожарни екипи, кои го изгаснале пожарот и спречиле понатамошно ширење. Среќна околност е што нема повредени лица, но причинета е значителна материјална штета.

Возилата регистрирани на приватни фирми – едното поврзано со поранешен кандидат за градоначалник

Според првичните неофицијални информации, едното опожарено возило е поврзано со бизнисменот и поранешен кандидат за градоначалник од редовите на СДСМ, Христо Кондовски. Полицијата засега не потврдува дали тој е директна мета, но соопштува дека сите три возила се водат на приватни фирми – од Битола, Скопје и Тетово.

Портпаролката на СВР Битола, Сања Стаматова, изјави:

„Пожарот избувнал на паркинг на улица Леринска каде од страна на непознат сторител била фрлена запаллива течност. Опожарени биле три возила: ‘Тојота рав’ со битолски ознаки, ‘Пасат’ со тетовски ознаки и ‘Дачија’ со скопски ознаки – сите во сопственост на приватни фирми. Извршен е увид и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.“

Истражните органи работат на случајот

Случајот е класифициран како намерно предизвикување пожар во Битола и веќе е отворена истрага. Полицијата прибира докази и снимки од безбедносни камери во околината со цел да се идентификува сторителот и неговите мотиви. Очекувањата се во наредните денови да има повеќе информации за можниот мотив. Воедно, ќе се знаат информации и за евентуалната поврзаност со Кондовски или други лица.

Извор: Плусинфо