Повеќе екипи и специјализирана механизација беа ангажирани во гаснењето на пожарот што попладнево зафати дел од Националниот парк „Пелистер“. Огнот, кој избувна во Преспа, навлегол во паркот во неговото подножје од ресенската страна.

Во акцијата за ставање на пожарот под контрола учествуваа екипи на НП „Пелистер“, ТППЕ Ресен и ТППЕ Битола. Во гаснењето беа вклучени и ер-трактори, како и два тима со пинцгауери од Дирекцијата за заштита и спасување.

Дополнително, на терен била ангажирана механизација од јавните претпријатија од Битола, со која се помогнало во справувањето со огнената стихија.

Пожарот сега е ставен под контрола, но опасноста не е целосно завршена. Дежурни екипи на НП „Пелистер“ остануваат на терен за целосно догаснување на огнот и за навремено спречување на негово евентуално повторно активирање.