Пожарникарите-спасители од Србија, кои неодамна учествуваа во гаснењето на шумските пожари во Шпанија, веднаш по враќањето се упатиле кон Делиблатската Пешчара. Таму продолжиле со интервенциите на големиот пожар што избувна во ова подрачје.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека гаснењето на пожарот претставува исклучително сложена операција. Тој најави дека за првпат во акцијата ќе бидат ангажирани и хеликоптери на Војската на Србија, а доколку има потреба, ќе биде зголемено и присуството на армиските сили на терен.

Вучиќ им оддаде признание на пожарникарите-спасители за нивната пожртвуваност. Тој посочи дека тие по 29-часовното патување со возила до Шпанија веднаш биле вклучени во гаснењето на пожарите.

Истакна и дека екипажите на хеликоптерите летале повеќе од осум часа за да стигнат до местото каде што интервенирале.

„Горд сум на овие луѓе и на нивните семејства. Тие имаа исклучително тешка задача и уште еднаш покажаа голема пожртвуваност“, изјави Вучиќ при пречекот на пожарникарите-спасители.