Пожарот што избувна во парк-шумата Гази Баба е ставен под контрола, соопшти директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Мухамед Али.

Според него, веднаш по пријавата за пожарот, ЦУК ги контактирал и ги координирал надлежните институции, додека Противпожарната бригада на Град Скопје интервенирала на терен.

Али информира дека бил присутен на местото на настанот заради координација на активностите и следење на состојбата.

Како што посочува, состојбата постепено се стабилизира, а надлежните служби ќе останат на терен до целосно гаснење на пожарот.

Од ЦУК апелираат до граѓаните, доколку забележат пожар, чад или каква било опасност, веднаш да пријават на единствениот број за итни случаи 112.

– Воедно, ги повикуваме граѓаните да бидат особено внимателни при движење во шумски и планински подрачја, да избегнуваат какви било активности што можат да предизвикаат пожар и да ги почитуваат препораките на надлежните институции – велат од ЦУК.