Пожарот во близина на Струмица се прошири од гробиштата до селото Баница
Пожарот кој избувна попладнево во близина на Струмица, меѓу Градските гробишта и селото Баница. Огнот зафати голема површина и со голема брзина се прошири кон месноста Софилар и куќите во тој дел на градот.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изјави дека пожарот е ставен под контрола. Тој објасни дека се работи за пожар со повеќе жаришта.
Пожарникарите спречија ширење кон викендички и селото Баница
„Пожарот се движи во неколку насоки и има големи шанси да биде ставен под целосна контрола. На едно место навлезе делумно во гробиштата во Струмица, зафати неколку квадратни метри и тука е запрен. Нема потреба од вознемиреност и паника“, изјави Ангелов.
Црниот чад излегува од двор на склад каде што гореле гуми. Пожарникарите не дозволија огнот да се прошири кон викендичките, градот и Баница.
Според командирот на ТППЕ Струмица, Александар Гудев, пожарот се гасне со ангажман на 30 пожарникари и 10 возила. Побарана е помош и од пожарникарите од Валандово, како и од хеликоптерски единици.
„Струмичките пожарникари побараа помош од соседните противпожарни единици. Доаѓаат и два ‘пинцгауери’ од ДЗС. Во случај на влошување, ќе упатиме и ‘ер трактори’. Засега нема таква потреба, но еден ‘ер трактор’ е веќе превентивно упатен“, изјави Ангелов на лице место.
Од СВР Струмица попладнево упатија апел до граѓаните да не се движат во делот зафатен со пожар. Лицата кои се затекнати таму се повикани веднаш да го напуштат подрачјето.