Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров изјави дека не гледа позитивни поместувања во однос на бугарската позиција кон земјава, коментирајќи ги заклучоците од Советодавниот совет за национална безбедност на Бугарија.

– И во соседна Софија има комплексен политички контекст и различни актери. Заклучоците на некој начин го потврдија статусот кво бидејќи ја потврдуваат Декларацијата од бугарското Собрание и рамковната позиција на нивната Влада. Еден документ што е непристоен и нецивилизациски и е навредлив, посебно за македонскиот народ, оти зборува за етноинженеринг итн., не баре во историјата има природен и неприроден начин на создавање на народите. Обидот да има заострување на позицијата можеби не успеа во смисла на споменување на бугарската заедница во преамбулата во нашиот Устав и тоа да биде направено пред да почнат пристапните преговори. Тоа го нема во заклучоците. Меѓутоа, позициите се држат такви какви што беа од самиот почеток, оценува Димитров запрашан за коментар за заклучоците од Советот за безбедност на Бугарија одржан во понеделникот.

Според него, како држава, но и како граѓанство и како нација, треба да се прашаме дали е умно, дали е мудро толку голема енергија да ставаме во ова прашање.

– Мислам дека ќе биде мудро да останеме отворени за дијалог, меѓутоа да не бидеме преокупирани со јануари или јуни, туку да си фатиме и енергијата да си ја вложиме дома оти искуството и резултатите од пристапниот процес во други држави во регионот коишто се девет или осум години во процесот, а резултатите не се очигледни говорат дека овој процес е важен, меѓутоа тој е само алатка и вистинската работа е дома. И мислам дека огромен дел од нашата енергија мора да оди дома. За ова треба да сме спремни за достоинствен дијалог и треба нашите позиции да ги темелиме на кристално јасните европринципи и принципи втемелени во меѓународното право. Ние имаме исправна позиција, на правата страна од историјата сме. Ние сакаме да бидеме пријатели со Бугарија, меѓутоа мора за возврат тие да не почитуваат, вели Димитров.

За тезата присутна во бугарската јавност, но и кај помал дел од домашните дипломати дека премногу енергија и ресурси се вложени во лобирање во Брисел и во Вашингтон да ја притиснат Софија, отколку на спроведување на Договорот за добрососедство, Димитров вели дека никогаш не добил прецизен одговор што е тоа што не го исполнила македонската страна.

– На прашањето што точно не спроведуваме од Договорот за добрососедство, пријателство и соработка никогаш немам добиено јасен одговор. Од друга страна јас посочувам на членот 2 каде Бугарија презеде обврска да ни биде од помош на европскиот пат. Што точно македонската страна не исполни од Договорот за пријателство? Второ, и во идеална ситуација да остане билатерално прашање, да го разговараме билатерално, да не зборуваме за ова прашање кога сме во Берлин или во Мадрид или во Хаг. Меѓутоа, Бугарија беше таа што го зема прашањето и го стави на масата во Брисел. Тоа не го направивме ние. Зошто? За да добие предност во однос на нас, бидејќи се тие земја членка, а ние не сме. Ние сме земја кандидат и во тој момент наша должност е на другите 26 да им ја објасниме работата. Тоа се случи, вели Димитров.

Тој додаде дека имало многу наврати во последниве година и пол кога долго време сме чекале согласност од Софија дали ќе се согласат да ги посетиме, наспроти, вели, нашата подготвеност за разговори.

До Бугарија, рече Димитров, се пратени одговорите на 5+1 пакетот на нивно барање во декември, како резултат на изграден консензус кај македонската страна.

– Одговорите беа предмет на тешки консултации интерно од наша страна, меѓутоа на крајот успеавме да изградиме заеднички став. И ако решението се темели на тие одговори мислам дека ќе имаме едно достоинствено решение на проблемот. Меѓу другото, тоа на што јас инсистирав во тој момент беше и една нова точка – Бугарија да се обврзе дека ќе ја прифати преговарачката рамка, дека ќе даде зелено светло за првата меѓувладина конференција и дека тоа ќе се случи на линија на португалскиот предлог, вели Димитров.

Тој посочи дека последните месеци специјалниот владин претставник во разговорите со Бугарија, поранешниот премиер Владо Бучковски не бил вклучен во интерните координации, но и дека негов впечаток е оти тој бил глас, што не беше целосно на линија на неговите позиции.

Во однос на неговата идна активност, Димитров се повика на досегашно искуството и во невладиниот сектор и во институциите на државата и врз основа на тоа ќе ја направи проценката после извесно време кој ќе биде најсоодветниот начин за тоа да има најголем ефект.

– Мојот драјв е влијанието што сакам да го имам за да туркам во правец во којшто мислам дека треба да ни оди државата. Формата ќе се најде, наведе Димитров.