Што точно се случи?
Во неделата, израелските власти соопштија дека само Иран истрелал 185 беспилотни летала, 36 крстаречки ракети и 110 ракети земја-земја кон Израел. Овие податоци укажуваат дека главната линија на одбрана била организирана од израелската противвоздушна одбрана.
Еј-Би-Си Њуз објави, врз основа на податоци од високи американски функционери, дека вкупно 9 ирански ракети поминале низ израелскиот систем за противвоздушна одбрана и погодиле цели во земјата. Погодени две воздухопловни бази – 5 проектили ја погодиле воздухопловната база Неватим, при што е нанесена штета на воено транспортен авион С-130 и на пистата. 4 ирански балистички ракети ја погодија воздухопловната база Рамон во Негев.
Израел се враќа во живот
Израел се враќа во нормален живот по иранскиот напад. Училиштата ширум земјата ќе бидат отворени денеска, откако беа наредени затворени поради невидениот воздушен напад на Иран викендов. Израел повторно го отвори својот воздушен простор. Укината е забраната за собирање големи групи луѓе на јавни места.
„Ова не е прв напад, ова е уште едно поглавје во оваа крвава сага“, изјави Гилад Ердан, претставник на Израел, за време на Советот за безбедност на ОН, што се одржа вечерва. И тој го повика светот да престане да ги игнорира злосторствата на Иран и да преземе акција.
Пратеникот на Израел во ОН го повика Советот за безбедност да ги воведе сите можни санкции кон Иран по невидениот напад на Исламската Република врз Израел.
„Амбициите на Иран да биде хегемон во регионот мора да бидат запрени пред да го турне светот до точка од која нема враќање. Целиот свет страда од Иран, вклучително и граѓаните на самата земја“, рече Ердан.
Серија воени напади
Вооружените сили на Исламската Република Иран извршија серија воени напади врз израелски воени цели со десетици проектили и беспилотни летала. Ова беше направено како одговор на повторените воени агресии на израелскиот режим, особено неговите вооружени напади на 1 април 2024 година врз иранските дипломатски простории, што е кршење на член 2 (4) од Повелбата на ОН. Ова пред Советот за безбедност на ОН го изјави постојаниот претставник на Иран во ОН, Амир Саид Иравани.
Операцијата на Иран беше целосно во остварување на правото на Иран на самоодбрана како што е наведено во член 51 од Повелбата на ОН и признаено со меѓународното право. Оваа неодамнешна акција беше неопходна и пропорционална, рече Иравани.
САД со осуда за нападот
САД не бараат ескалација, изјави заменик-амбасадорот на САД Роберт Вуд. Тие го повикаа Советот за безбедност да го осуди нападот на Иран врз Израел во саботата. Вуд ги повтори зборовите на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој повика да се спречи понатамошна ескалација на тензиите.
„Ако САД започнат воени операции против Иран и неговите граѓани и соодветно ја загрозат нашата национална безбедност и интереси, Иран ќе го искористи своето вродено право да одговори пропорционално“, рече Иравани во ОН, одговори иранскиот претставник.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш рече: „Блискиот исток е на работ, а луѓето од регионот се соочуваат со вистинска закана од разорен конфликт од целосен обем“.