„Сејф сити“ стартува од 1 јануари

Системот „Сејф сити“ и поставените камери ќе започнат со работа од 1 јануари следната година. Министерството за внатрешни работи (МВР) ќе има доволно време да ги евидентира сите новорегистрирани возила и да ги усогласи податоците со останатите институции, со цел прецизно утврдување на начинот на казнување.

Возачите кои ќе направат прекршок ќе добиваат СМС порака или е-пошта со фотографија од прекршокот во рок од 24 часа.

Тестирање на камерите и најчести прекршоци

Министерот Тошковски изјави дека полицијата веќе ги тестира поставените камери низ Скопје. Најчестите прекршоци кои биле евидентирани се пречекорување на дозволената брзина и поминување на црвено светло.

„Пари веднаш ќе ви бидат повлечени од сметка“: Познато е на како ќе функционираат камерите во Скопје

Зголемен број казни, но и намалени несреќи

Иако полицијата продолжува со рекордно изрекување на казни, возачите сè уште не ги почитуваат сообраќајните правила. Само вчера биле изречени 796 прекршочни казни, од кои:

  • 146 за пречекорување на брзината,
  • 50 возачи биле фатени без возачка дозвола,
  • 8 биле под дејство на алкохол.

Според министерот, засиленото полициско присуство доведе до намалување на бројот на сообраќајни несреќи.

Јавна дебата за новите законски измени

На 21-ви овој месец ќе се одржи јавна дебата за измените во законската регулатива со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот. На дебатата ќе учествуваат експерти, професори, судии и претставници од МВР.

Според министерот Тошковски, по сублимирањето на заклучоците, измените ќе бидат доставени до Собранието за гласање во најкус можен рок.