Ноќеска до 1:30 часот заседаваше македонското Собрание, каде од 13 февруари се расправа за разрешување на министрите. Претпладне во 10 часот е закажано продолжение на оваа седница, а веќе во 11 часот е редовната месечна седница за пратенички прашања.

Ноќното заседавање го доведе до крај делот за дискусии, односно сите пријавени пратеници завршија со дискусии, по што според деловникот ќе следи гласање за разрешување на министрите, кои си дадоа оставка.

Опозициската ВМРО ДПМНЕ најавува уште еден долг процес на поединечно разгледување на новите предлози, доколку биде прифатено. Потоа, за секој поединечно по завршување на дискусијата ќе се гласа.

Разрешувањето на министрите почна на 13 февруари. Со повремени паузи, Собранието расправа поединечно за секој од министрите на заминување, а редовни теми на дискусија се поскапувањето, здравството, образованието, корупцијата. Речиси за цело време за овие десетина дена, во собраниската сала е премиерот Димитар Ковачевски, кој ја предложи промената во владата, а повремено и актуелните министри.

Според најавите, најверојатно во сабота пред Прочка, владата ќе биде комплетирана.

Во Собранието се очекува да бидат разрешени министерот без ресор за дијаспора Џемаил Чупи од Алтернатива, министерот за здравство Беким Сали и за информатичко општество и администрација Алдмирим Алити, кои ќе бидат заменети со кадри од новиот коалициски партнер – Алијанса за Албанците, како и Насер Нуредини од ресорот екологија.

Дел од пратениците од ДУИ од тнр. „огнена група“ најавија дека нема да гласаат за новите министри.

До министерските промени доаѓа откако на владиното мнозинство им се приклучи партијата Алијанса за Албанците.

Досегашниот владин партнер партијата Алтернатива одлучи да ја напушти Владата.