Пратениците во Собранието на денешната 115-та седница ја продолжија расправата по Предлог законот за измени на Законот за работни односи, кој е дел од пакетот закони за изградба на коридорите 8 и 10.

Со измените на Законот за работни односи се овозможува прекувремена работа подолго од осум часа неделно и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога се работи за активности од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работникот.

Опозицијата децидна дека нема да ги поддржи предлог измените на Законот за работни односи, со образложение дека тие се дискриминаторски и на штета на правата на работниците, нагласувајќи ја неуставноста на предложените измени. Забележаа и на можноста за увезените работници без виза и работна дозвола да претстојуваат во државата. Според опозицијата, законите не треба да се менуваат поради договори, туку договорите да се прават според законите.

Пратениците од власта во реплики кажаа дека оваа Влада се грижи за граѓаните, посочувајќи го зголемувањето на минималната плата, но и платите воопшто. Законските измени, според мнозинството, биле за побрзо донесување со што ќе се заштеди време и пари за изградбата.

Пратеничката Лидија Петкоска од ВМРО – ДПМНЕ се задржа на, според неа, штетните последици на законските измени, нагласувајќи дека законите не смеат да се изменат заради конкретен проект, туку дека мора да воспостават систем во кој заштитата на работникот ќе биде приоритет. Со измените, подвлече, се воведува работно време со кое работникот ќе биде експлоатиран работејќи 72 часа неделно.

– Стратешки интерес е да се бориш за доброто на работниците и да го цениш работничкиот труд. Не е стратешки интерес да ги вратиш работниците во времето на феудализмот и со неуставни измени да им ги одземеш веќе стекнатите права. Овој неуставен и дискриминаторски закон не смее да се донесе затоа што работниците се столбот на нашата економија и движечка сила на државата и недозволувајте да липса нашата движечка сила, рече Петкоска.

Жаклина Лазареска, пак пратеник од СДСМ во реплика подвлече дека актуелната власт вовеле пристојна работа за работниците и пристојно заработување со законот за минимална плата, со кој, како што рече, сите работници се изедначени да земаат иста минимална плата, која од 8.000 денари сега изнесува 20.175 денари.

– Со предложените измени работникот може да работи прекувремено, ако самиот избере. Тоа да им се плати соглансо законот за плати. Осум часовното работно време му е загарантитано, а на вакви стратешки проекти треба да се овозможи ако има потреба од континуитет не секогаш, туку тогаш кога е потребно да се дозавршат работите. Да може работницте да изберат да работат прекувремено и тоа да им се плати, онака како што налага законот за плати, рече Лазареска.

Визијата на власта, нагласи, е квалитетни и безбедни патишта, а изградбата на коридорите 8 и 10 ќе го овозможат тоа.

За пратеникот Драган Ковачки од опозициската ВМРО – ДПМНЕ со законските измени владата сака да го озакони криминалот и на сила да го протурка договорот за изградба на коридосите 8 и 10, врз чија основа се менуваат законите.

Тој забележа дека денешната расправа е без предметна бидејќи минатата година Уставниот суд ги укинал одредбите кои се предлагаат и денеска се на дневен ред. Според него, владејачкото мнозинство и владата ја игнорираат изјавата и реакцијата од евроамбасадорот Дејвид Гир за пречестата употреба на европското знаменце.

Сличен став дели и неговата сопартијка Рашела Мизрахи, која посочи дека пратениците се избрани од народот и треба да ги бранат неговите интереси, нагласувајќи дека со гласање на измените на овој пакет закони директно се крши Уставот.

Бранејќи ја издржаноста за носење на законските измени пратеничката на СДСМ Даниела Колева во реплика рече дека заеднички со опозицијата треба да ги поддржат законските измени кои се за проекти од јавен интерес.

Расправата за предлог на законот за измени на Законот за работни односи треба да продолжи по редовната пауза во 15 часот и 30 минути.