По новогодишните и божикните празници од утре пратениците продолжуваат со работа. Утре треба да се одржи редовната координација на претседателот на Собранието со координаторите на пратеничките групи од која треба да произлезат активностите за тековната недела. Најавени се и седници на две собраниски тела.
Според објавеното на веб страницата на Собранието, закажани се седници на Националниот совет за евроинтеграции и на Комисијата за одбрана и безбедност, додека во вторник, на 10 јануари, се очекува да се одржи првата пленарна седница за оваа година.
Членовите на Националниот совет за евроинтеграции ќе ја слушнат Програмата и приоритетите на Шведското претседателство со Советот на Европската Унија за период јануари-јуни 2023 година.
Седницата на Комисијата за одбрана и безбедност е со една точка на дневниот ред: Предлог – одлука за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Европската Унија „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина (мај 2023 година до ноември 2023 година).
Првата собраниска седница за годинава е планирана за 10 јануари. На предложениот дневен ред на 99. седница ставени се 15 точки, главно закони во прво и во второ читање.
Минатата 2022 година, Собранието одржа 39 нови седници, а заедно со продолженијата од претходно 50. Одржани се осум седници за пратенички прашања, имало четири обраќања на странски гости и едно на претседателот на државата. На овие 39 седници имало 290 усвоени точки на дневниот ред, од кои 190 се разгледани, а 100 неразгледани.