Oд здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банката „Правда за штедачи“ велат дека извештајот за банката од стечајниот управник Душко Тодевски, покажува дека друштвото за трговија и услуги, „Електро спој“ дооел Скопје, има невратен долг од 385 илјади евра кон Еуростандард банка, за што, цели две и пол години не е платен ниту еден денар од долгот кон банката.
За фирмата се води и несоодветна хипотека од деловен простор со проценета вредност од околу 120 илјади евра. Како тоа никој ништо да не преземе со години? Како раководството на банката не покренало активирање на хипотеката повеќе од две години? И да ја активирале, најмногу што можеле да наплатат било околу 30 отсто од износот на кредитот. Како тоа одобриле еден од многуте лоши кредити во банката со гаранција која е далеку помала од износот на кредитот?
Електро спој дооел е основана во ноември 2014 година, со непаричен влог од 5 илјади евра. Седиштето на фирмата е во општина Центар во Скопје, а главната дејност на фирмата е трговија на големо со електрични апарати за домаќинства. Сопственик и управител на фирмата е Ванчо Јованов. Фирмата имала тројца вработени.
Билансите на фирмата укажуваат дека фирмата е деловно неактивна веќе четири години. Од 2017 година па наваму, фирмата нема приходи. Последните регистрирани приходи биле во 2016 година, кога фирмата имала загуба од 400 илјади евра. Во таа година, долговите на фирмата биле околу 810 илјади евра и имала негативен капитал од 380 илјади евра, односно задолженост од околу 190 отсто. Фирмата е и должник за неплатени даноци и придонеси од 70 илјади евра према Управата за јавни приходи. Поради повеќегодишната неактивност, фирмата била во постапка на бришење од Централниот регистар, меѓутоа, УЈП поднела предлог за отворање на стечајна постапка на оваа фирма на 29 јануари 2020 година. Еуростандард банка тоа не го направила повеќе од две години иако имала јасна причина и основа тоа да го направи.
Дали во овој случај и во многу други во ограбената Еуростандард банка се почитувале основните банкарски принципи и критериуми за кредитирање, или свесно се делеле ненаплатливи кредити со претходно утврдени план и цел? Фактите укажуваат на тоа дека раководството на банката свесно и масовно ги подарувало нашите пари, за да очигледно дел од нив им се вратат назад. И сето тоа се случувало под будното око на гувернерката Бежоска и Народната банка.
Ова е уште еден класичен пример на сторени злоупотреба и проневери. Во листата на Еуростандард банка има многу такви. Криминалот и корупцијата имаат имиња. Тие имиња следат – велат во соопштение од „Правда за штедачи“.