Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова, на денешната седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет детално се осврна на делот наменет за правосудниот систем. Таа притоа прецизираше дека за судската власт во 2027 година се планирани вкупно 3,352 милијарди денари, што претставува зголемување од 15,3 проценти, додека за јавното обвинителство се предвидени 965 милиони денари, што е за 8,9 проценти повеќе во однос на 2026 година.

Според нејзините зборови, правдата мора да се обезбеди навремено и целосно неселективно, при што пратеничката посебно го анализираше функционирањето на Академијата за судии и јавни обвинители и активностите на Управата за извршување на санкциите.

„Кога правосудна институција бара дополнителни средства, да каже колку предмети очекува повеќе да заврши, кои слабости ќе ги отстрани и како јавноста ќе го види напредокот. Не ни треба натпревар кој погласно ветува правда. Ни требаат институции коишто ќе донесат правда. Токму затоа сакам да ја издвојам Академијата за судии и јавни обвинители. За 2027 година за нејзината програма се предвидени приближно 130 милиони денари. Оваа програма сега е прикажана во рамките на Министерството за правда, додека претходно била евидентирана во разделот Судска власт. Таа промена е важна за да не споредуваме несоодветни буџетски ставки и да не извлекуваме погрешни заклучоци“, рече Панова.

Таа во своето обраќање додаде дополнителни детали околу распределбата на овие финансии, укажувајќи дека во предвидените средства влегуваат околу 58 милиони денари наменети за плати и надоместоци, како и околу 65 милиони денари определени за стоки и услуги, вклучувајќи ја обуката и договорните услуги.

„А зошто е ова важно? Затоа што професионален, стручен и независен судија не се создава со партиска изјава. Се создава со квалитетно образование, сериозна селекција, континуирана обука и личен интегритет. Истото важи и за обвинителите. Инвестирањето во Академијата треба да значи вложување во професионалноста, не во нови формални процедури без резултат. Затоа очекуваме резултати. Не помалку важна е Управата за извршување санкции. За неа се планирани 2,020 милијарди денари, 16,7 проценти повеќе од претходната година“, рече Панова.

Панова посочи дека капиталните расходи во овој сегмент растат од 26,8 на 276,3 милиони денари, што претставува повеќе од десеткратно ниво, при што најголемиот дел од парите се насочени директно кон градежната инфраструктура.

„Во 2027 се предвидени активности за нови и реконструирани капацитети во КПД Идризово, вклучувајќи притворско и затворено одделение. И тука мојата порака е јасна: законитото извршување на санкциите е дел од владеењето на правото. Безбедност за персоналот, човечки услови, контрола врз установите и програми за ресоцијализација не се спротивставени цели. Тие се делови од еден ист систем. Државата мора да биде доследна во спроведувањето на правосилните одлуки, а истовремено да ги почитува законските и меѓународните стандарди“, вели таа.