Жителите од десет штипски населби од попладнево со техничка вода се снабдуваат преку цистерни. Штипското комунално претпријатие „Исар“ има пунктови на кои граѓаните во садови можат да полнат вода за техничка употреба, а дополнително се дели и флаширана вода за пиење. Директорот на ЈП „Исар“-Штип, Александар Арсовски изјави дека на терен се седум цистерни, од кои по четири се на „Исар“ и на ТППЕ-Штип, а помош има и од соседните општини Карбинци и Свети Николе и една од општествено одговорна компанија. Флашираната вода за пиење претставува донација од четири општествено одговорни компании.
Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, попладнево соопшти дека во одредени делови од градот има кризна состојба, бидејќи 40 часа немаат вода за пиење, а поради новиот дефект на главната линија граѓаните уште дополнителни 24 часа ќе останат без вода за пиење. Населбите Железничка, Пребег, Три Чешми, Ново Село, Исар, делови од населба Сењак и 8 Ноември и во наредните 24 часа ќе немаат вода за пиење. Жителите на овие населби, особено оние во повисоките зони веќе три дена се без вода за пиење поради санација на дефект на главната водоводна линија, каде што денеска повторно пукнала главна цевка.
„Дефинитивно имаме кризна состојба на одредени делови во нашиот град кои поради овој дефект ќе останат без вода повеќе од 24 часа. Она кое што можам да го направам е во текот на денот да се организираме со сите расположливи сили кои ги имаме како логистичка поддршка во рамки на јавните претпријатија, Територијалната противпожарна единица и целата механизација, овој дефект на главната водоводна линија да се санира час побрзо за да се нормализира водоснабдувањето, кое дефинитивно направи голем проблем“, посочи Јорданов.
Во текот на ноќните часови се очекува да биде саниран новиот дефект на главната водоводна линија во Штип. Според локалната власт, ваквите проблеми со водоснабдувањето во овој дел од градот се очекува да се надминат по пуштањето во употреба на трите нови резервоари.
