Европската комисија сè уште нема понудено решение за проблемот со правилото 90/180, поради кое професионалните возачи од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора се соочуваат со ограничувања при престојот во земјите од Шенген-зоната.
Претседателот на Здружението за меѓународен транспорт на Србија, Неѓо Мандиќ, изјави дека возачите кои ќе бидат затекнати во Шенген и натаму се депортираат, а камионите се задржуваат на граница. Според него, тоа се случува и покрај договорот од 10 април, според кој требало да се избришат деновите поминати во Шенген до тој датум и да почне ново броење.
„Возачите кои ќе бидат затекнати во Шенген-зоната и натаму се депортираат, а камионите се задржуваат, и покрај договорот од 10 април со кој беше предвидено да се избришат деновите поминати во Шенген до тој датум и да започне ново броење. Возачите кои веќе ја исполниле квотата од 90 дена во последните шест месеци и понатаму не можат да влезат во Хрватска, Унгарија или Романија“, изјави Мандиќ.
Превозниците бараат професионалните возачи во меѓународниот транспорт да бидат изземени од правилото 90/180, бидејќи, како што посочуваат, тие не престојуваат во Шенген како туристи, туку исклучиво поради работа. Правилото почна да се применува во октомври 2025 година.
Здруженијата на превозници од четирите земји испратиле писмо до Европската Унија со барање за состанок во Белград или Брисел, но најверојатно разговорите ќе се одржат онлајн. Средбата со претставници на Директоратот за мобилност и транспорт на Европската комисија се очекува кон крајот на следната недела.
Превозниците побараа Европската комисија до 10 август да предложи конкретно решение, но досега не добиле одговор. Поради тоа, претставници од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора на 11 август ќе одржат регионален состанок во Македонија, на кој ќе ги разгледаат следните чекори и можните заеднички активности.
На крајот на јануари, превозниците од Србија и Босна и Херцеговина четири дена ги блокираа товарните терминали на граничните премини, но и по протестите проблемот остана нерешен.
