Вицепремиерот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, присуствуваше на отворањето на обуката организирана од ПИАЦ „Љубиша Георгиевски“ на ВМРО-ДПМНЕ и ИФЕС за Унијата на млади сили на партијата. Тој им честиташе на новиот претседател, Извршниот комитет и целиот тим на УМС за досегашната работа и порача дека пред младите членови претстои значајна улога во периодот што следува.
„Благодарам за присуството, драго ми е што добив покана од УМС на ВМРО-ДПМНЕ, прв поголем настан на новото раководство на УМС на кој ќе работат на новиот концепт и програма за следниот четиригодишен период. Сакам да честитам на претседателот, Извршниот комитет и целиот тим на УМС во изминатиот период од кога се избрани“, рече Николоски.
Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ и државата се соочуваат со бројни предизвици. Според Николоски, партијата е најобединета од своето основање, а таа енергија треба да продолжи. Тој се осврна и на процесот на ажурирање на членството, при што ги повика членовите да го ажурираат своето членство, а новите членови да се приклучат
„Пред нас се бројни предизвици и како политичка партија и како држава. ВМРО-ДПМНЕ е најобединета од своето основање и во тој дух и таа енергија треба да продолжи. Во овој момент постои ажурирање на членството, за нови членови вратите се широко отворени, ги поканувам сите членови на ВМРО-ДПМНЕ да го ажурираат своето членство“, рече Николоски.
Николоски ја истакна и улогата на Унијата на млади сили во активностите на партијата. Во тој контекст ги спомена предвремените избори во Брвеница и други активности што следуваат. Тој порача дека државата е пред сериозни одлуки и дека поддршката од младите и новите кадри е добредојдена.
„Тука активна улога игра Унијата на млади сили, тука се и предвремените избори во Брвеница и бројни активности. Државата е пред сериозни одлуки и тука поддршката од млади и нови кадри полни со енергија се повеќе од добредојдена“, рече Николоски.
Тој зборуваше и за економската и политичката состојба во земјата. Николоски наведе дека Владата има стабилно мнозинство и дека реализира проекти. Како пример го посочи растот на економијата во вториот квартал, за кој рече дека изнесува 4,3 отсто и претставува трет највисок раст во Европа.
„Секогаш е потребно повеќе проекти и резултати повеќе. Покажуваме економска и политичка стабилност, стабилна Влада со огромно мнозинство, реализираме проекти, Македонија економски напредува. Во економијата во вториот квартал имавме раст од 4,3 проценти, што е трет највисок раст во Европа, и она што е најбитно се чува достоинството на македонскиот граѓанин и македонскиот народ и сите кои ја поддржаа оваа Влада“, рече Николоски.
На крајот, тој изрази очекување дека членовите на УМС и актуелното раководство во иднина ќе заземат значајни позиции во државата.
„Се надевам дека сите оние кои се денес членови на УМС, раководството, Извршниот комитет, општинските комитети на УМС се луѓе кои ќе заземат значајни позиции во иднината на државата понатаму“, рече Николоски.
