По бунтот на жителите на Слупчане, кои синоќа го блокираа патот на екипите на ЕВН и не им дозволија да влезат во селото, од ЕВН велат дека со ваквиот обид на самоволно противправно приклучување, предизвикан е дефект од големи размери кој ги остави и соседните села без струја.
Во денешното соопштение до медиумите, тие информираат дека во вчерашните доцни часови, лица од Слупчане насилно и противзаконски отвориле голем енергетски објект во припадност на електродистрибуција во обид сами да го вратат напојувањето со електрична енергија во селото.
Ваквите манипулации од нестручни лица се крајно небезбедни може да имаат многу трагичен крај со смртни последици – соопштија од ЕВН.
Тие информираат дека поради блокадата на жителите од Слупчане, со дефект денеска се соочуваат и селата Оризаре, Ваксинце, Лојане.
Екипите на Електродистрибуција не може да го санираат дефектот се додека се напаѓаат на терен и немаат услови за работа. Дефекти предизвикани од посериозни манипулации како во случајов, одземаат многу време да се санираат – велат од ЕВН.
Жителите на Слупчане вчера палеа гуми го блокираа патот. Од ЕВН изјавија дека со крадењето струја се оптоварува мрежата при што се предизвикуваат големи дефекти. Слупчане важи за населено место каде најмалку се плаќаат сметките за електрична енергија, а според медиумите, фактури за струја добиваат само 20 отсто од домаќинствата.