Преку Предлог-законот за Судскиот совет ќе се воспостави транспарентност, јавни расправи и јасни критериуми за избор и разрешување
Предлог-законот за Судскиот совет, кој Министерството за правда го подготвуваше во текот на изминатите месеци, влезе во владина процедура, дознава Плусинфо од извори во ресорот. Според истите извори, овој закон се смета за клучен чекор за назавиност, транспарентност и зајакнување на одговорноста во судството.
Законот веќе бил разгледан од Венецијанската комисија, која доставила мислење што, според Министерството, е конструктивно, содржајно и насочено кон точките на кои постоел најголем фокус при изработката.
„Станува збор за конструктивен и содржаен документ, што содржи јасни насоки и препораки, особено за деловите на кои ние како Министерство вложивме сериозен фокус. Тие забелешки веќе се разгледани,“ велат од Министерството за правда.
Венецијанската комисија го поздравува инклузивниот и отворен процес за Предлог-законот за Судскиот совет
Посебно било истакнато дека процесот на подготовка на законот бил транспарентен и инклузивен, со јавни расправи, експертски консултации и вклучување на сите релевантни чинители од правосудниот сектор и граѓанското општество.
„Тоа е потврда дека одиме во вистински правец и дека нашите реформи се усогласени со европските стандарди. Овој пристап директно придонесува за зајакнување на довербата во законодавниот процес и во правосудството во целина,“ вели изворот од ресорот.
Објективно оценување, јавни расправи и прецизни критериуми
Законот воведува објективно оценување на членовите на Судскиот совет, јавност во постапките за нивно разрешување и транспарентност во донесувањето одлуки.
„За првпат ќе има објективно оценување на работата на членовите на Судскиот совет, транспарентност во носењето одлуки и механизми за одговорност и на самите членови на ова тело. Ова е клучна точка што ја нотираше и Оценската мисија на Европската унија, а ние сега директно одговараме на таа препорака,“ наведуваат од Министерството за правда.
Во законот се дефинираат и нови, појасни критериуми за избор на „истакнат правник“ како не-судски член на Судскиот совет. Исто така, се предвидува јавна расправа за избор на тие кандидати, со цел зголемување на легитимитетот.
Дополнително, се зајакнуваат и критериумите за избор, одговорност и разрешување на судиските членови на Советот. Со ова се обезбедува цврста правна основа за департизација и функционална независност на судскиот орган.
Очекувања за брзо усвојување и јасна порака кон ЕУ
Министерството за правда очекува брзо усвојување на законот во Собранието, како дел од пошироките европски реформи. Со тоа, државата ќе испрати јасна порака за посветеност кон владеење на правото, независно судство и функционална демократија.