Владата, нагласуваат од УПОЗ, е должна да го консултира и да го вклучи Синдикатот како социјален партнер при донесување на вакви законски решенија кои се однесуваат за условите за работа што е пропишано и со законите и со колективните договори и сметаат дека ваквите предлози доаѓаат како одговор на нивното барање да отпочне преговори за платите на администрацијата бидејќи, како што велат, 95 проценти од вработените имаат плата под просекот на државата.
Од УПОЗ, посочуваат дека се изненадени од предлозите истакнати на вчерашната седница на Владата на која се разгледувале предлози преку видео надзор и боди камери да се регулира работата на службениците во ситуации кога е неопходно тие директно преку физички контакт да работат со граѓаните и посочуваат дека се затекнати и од констататацијата дека сето ова Владата го предлага како механизам за контролирање на работата на службениците, а со цел да служи за превенција од корупција.
– Затоа го поставуваме и прашањето која европска држава има ваква пракса? Според нашите сознанија, на пример, во САД само оперативните служби кои се во акција можат да имаат камера на себе како и мобилните екипи на царината и евентуално сообраќајната полиција. Дали при предлагањето на оваа точка Владата го имала предвид фактот дека со Закон е забрането снимање на вработените и граѓаните, а дозволено е снимање, само заради безбедност на објектите, што е дел од македонската и од европската регулатива, се вели во соопштението од УПОЗ.
Синдикатот на УПОЗ, во соопштението нагласува дека никогаш нема да се согласи вработените да бидат снимани со камери и на себе да носат камери, како и дека ќе се обрати до Владата со барање итно да се стопираат ваквите предлози и Синдикатот задолжително да биде вклучен во донсесување на прописите кои ќе ја регулираат оваа материја.
– Синдикатот на УПОЗ бара да престане атакот врз администрацијата која одреден период во државата доаѓа од поединци и организирани групи со цел да се оцрни и омаловажи администрацијата што на крај дава негативна слика за државата во целост. И после ова прашуваме, дали корупцијата во државата е присутна само кај административните службеници кои директно работат со граѓаните или одговорноста за корупцијата треба да се бара пошироко и посебно кај оние кои ја водат администрацијата, се вели во соопштението од УПОЗ.