Изборниот предмет „Сеопфатно сексуално образование“ нема да се изучува во средните училишта во предложената форма. Министерството за образование и наука ја повлече наставната програма и најави нејзина целосна ревизија по реакциите во јавноста.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека програмата ќе биде детално разгледана, за да се утврди дали во неа има содржини што предизвикуваат забелешки.
„Ние ги повлековме во овој момент програмата и предметот и ќе направиме длабока ревизија по барање на јавноста, да видиме дали навистина во програмата има нешто за што би можело да има забелешки“, рече Јаневска.
Таа посочи дека програмата опфаќа теми поврзани со семејството, заштитата од сексуално преносливи болести, спречувањето несакана бременост, родовата рамноправност и недискриминацијата.
„Но, повторувам, веќе го замолив Бирото за развој на образованието, оти јас не сум стручна, но и лично ќе се ангажирам, збор по збор да ја поминеме програмата, да видиме што е тоа што е проблем во неа“, изјави министерката.
Јаневска сепак оцени дека постојат научни докази оти сексуалното образование во средните училишта е корисно, особено во периодот кога младите се соочуваат со прашањата опфатени во предметот.
Предметот беше предвиден како изборен и можеше да го изучуваат средношколци од прва до четврта година, само доколку сакаат да го изберат.
