Мојата земја е поддржувач на прогресивните политики за родова правда и затоа заложбите и обврските во однос на „Телесната автономија, сексуалното и репродуктивно здравје и права“, беа едногласно прифатени.

Пендаровски, како што соопшти неговиот Кабинет, се обрати на панелот на тема „Телесна автономија, сексуално и репродуктивно здравје и права“, при што ги претстави националните заложби на Македонија на овој план.

Според Пендаровски, Форумот за генерациска еднаквост е важен глобален собир за унапредување на родовата еднаквост меѓу мажите и жените и клучен момент за преземање обврски од страна на државите во таа насока.

– Северна Македонија се обврзува до 2026 година да го зголеми сеопфатното сексуално образование, согласно меѓународните стандарди на Обединетите Нации и во таа насока се подготвени тригодишен Акциски план со пилот-проекти и наставна програма за ученици од 13 до 15 годишна возраст. Наша заложба е да го зголемиме опфатот на контрацепцијата од 14 на 20 отсто, преку подобрување на пристапот на девојките и жените до советодавните услуги за планирање на семејството, и пристапот до абортус како основно право на жените, нагласи Пендаровски.

Шефот на државата нагласи дека се обврзуваме до 2026 година, а го редуцираме бројот на детските бракови на тој начин што ќе ги оспособуваме девојчињата, адолесцентите и жените да носат автономни одлуки за своите тела и во таа насока ќе ги усвоиме неопходните законски измени и конкретни политики и ја посочи зголемената поддршка на автономните феминистички и женски организации.

– Паралелно со институционалните решенија, не помалку важна е промената на менталитетот кај граѓаните, на колективната свест за родовата правда, преку елиминирање на табуата што се врзуваат за овие сензитивни прашања. Наша обврска е да покажеме политичка волја и преку континуирани, заеднички активности да овозможиме услови за еманципирање на жените и девојките на глобално ниво, рече Пендаровски.

Според претседателот Пендаровски, за овие прашања не смее да се прават компромиси и да се дозволи каков било вид на дискриминација, а жените и девојките мора да бидат во позиција самостојно да носат одлуки за своето тело, базирани на знаења и информации.

– Северна Македонија е една од првите земји која ги усвои заложбите на Меѓународната конференција за население и развој презентирани на самитот во Најроби. Настојуваме во националните програми и буџети за сексуално и репродуктивно здравје да бидат земени предвид потребите на најранливите и маргинализираните групи, вклучувајќи ги и ЛГБТИ лицата, Ромите, лицата со попреченост, сиромашните, сексуалните работници, изјави Пендаровски.

Нашата држава од ноември 2020 година, како што рече, е партнер во Акциската коалиција за сексуално и репродуктивно здравје и права и преку претставници од ресорните министерства во Владата активно учествува во активностите на оваа Коалиција.

– Во духот на националното мото на Француската Република – Liberté, égalité, fraternité, посакувам и верувам дека овие наши декларирани заложби, ќе бидат успешно остварени, и ќе претставуваат цивилизациска придобивка за идните генерации, порача Пендаровски.