Кус преглед на најбитните настани од војната во Украина во текот на денешниот ден до 18 часот.
– Украинскиот претседател Володомир Зеленски денеска го повика рускиот претседател Владимир Путин на разговори, истакнувајќи оти тоа е „единствен начин да се запре оваа војна“. – Ние не ја напаѓаме Русија и не планираме да ја нападнеме. Што сакате од нас? Напуштете ја нашата земја, истакна Зеленски. Тој од западните земји побара да ја зголемат воената помош за Украина.
– Францускиот претседател Емануел Макрон смета дека „најлошото допрва доаѓа“ во Украина по денешниот разговор со рускиот претседател Владимир Путин, кој ја изрази „својата голема одлучност“ да продолжи со офанзивата со цел „да ја преземе контролата“ во целата земја, соопшти Елисејската палата.
– Борбите за најголемата нуклеарна електрана во Украина, лоцирана во град Енерходар, се уште траат. Градоначалникот на Енерходар Дмитро Орлов, каде се наоѓа најголемата нуклеарната централа, изјави дека руските сили се на работ од градот и дека украинските сили се борат да го одбранат.
– Меѓународната финансиска, техничка и хуманитарна помош обезбедена за Украина изнесува повеќе од 15 милијарди долари, соопшти прес-службата на Народната банка на Украина.
– Прекин на огнот, примирје и воспоставување на хуманитарни коридори за евакуација на цивилите, се трите главни прашања на агендата на втората рунда украинско-руски преговори, што започна денеска на полско-белоруската граница. – Започнаа разговорите со руските претставници објави денеска на Твитер советникот на украинскиот претседател и член на украинската делегација во преговоите со Русија Микаило Подољак, изнесувајќи ги трите клучни прашања на средбата.
– Украинскиот Парламент денеска изгласа закон со кој се дозволува заплена на имот на Русија или на руски државјани во Украина, поради руската инвазија врз Украина.
– Европската унија чека да го види ефектот од веќе наметнатите санкции врз Русија пред да донесе нови, но паралелно веќе работи на нови чекори кои би можеле да вклучуваат и руски крипто имот, изјавија денеска официјални претставници од Брисел.
– Партнерите да го затворат воздушниот простор над Украина, инаку, крвта на Украинците, убиени од Русија, ќе биде на нивните раце, нагласи украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба.
– Европската комисија денеска порача дека аспирациите за членство во ЕУ на Украина се легитимни, и дека сега е на лидерите да се справат со ова прашање, јави дописничката на МИА од Брисел.
– Украина ја замоли Меѓународната агенција за атомска енергија, да побара помош од НАТО, за да се затвори воздушниот простор над подрачјата каде се наоѓаат нуклеарните централи. Со тоа, би се спречил можен „нуклеарен тероризам“ од страна на Русија, соопшти украинското Министерство за енергетика.
– Европската унија повикува на итен прекин на огнот во Украина, изјави денеска шефот на дипломатијата на ЕУ Жозеп Борел. – Оваа војна треба да запре сега. Повикувам на итен прекин на огнот. Повикувам на инто воспоставување на хуманитарен коридор, објави Борел на Твитер.
– Ситуацијата во Киев е „тешка, но, под контрола“, изјави денеска, градоначалникот на главниот град на Украина, Витали Кличко. Како што појасни градоначалникот, изминатата ноќ немало жртви, а ноќните експлозии биле од украинската противвоздушна одбрана, што ги гаѓала руските ракети.
– Чешката влада прогласи вонредна состојба во траење од 30 дена поради зголемениот број на бегалци од Украина.
– Украинскиот претседател Владимир Зеленски им вети на Украинците дека ќе се плати штетата врз инфраструктурата во зенговата земја предизвикана од инвазијата на руските сили и дека цената за тоа ќе ја плати Москва.
– „Нашата цел е да се ослободиме од нацистите во Украина“, рече рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, додавајќи дека преговорите меѓу украинските и руските сили ќе се одржат денеска. Тој додаде дека преговорите може да се водат „под услов на рамноправност“.
– Според ОН, повеќе од еден милион луѓе ја напуштиле Украина откако почна руската инвазија, додека ЕУ проценува дека до четири милиони луѓе може да се обидат да ја напуштат земјата.
Полска досега прими повеќе од 575.000 луѓе, соопшти полската гранична стража.
– Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека американскиот претседател Џо Бајден рекол дека единствената алтернатива на санкциите е трета светска војна, на што тој се надоврза и порача дека трета светска војна може да биде само „нуклеарна војна“. Тој вели дека тоа е само во главите на западните политичари – и не е во главите на рускиот народ, пренесува Би-Би-Си.
– Популарното радио „Ехо на Москва“ (Ekho Moskvy), што е критички настроено кон Владата, ќе биде затворено. Информацијата ја објави денеска, главниот и одговорен уредник, Алексеј Венедиктов.
– Кремљ води жесток напад врз слободата на медиумите и постапките на Москва да се лаже и задушува вистината за бруталната инвазија во Украина се засилуваат, обвини американскиот Стејт департмент.
– ЕУ мора да се подготви за пристигнување на милиони бегалци од Украина, предупреди денеска еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон. Таа прецизираше дека досега дошле околу еден милион луѓе. Според неа, многу малку од нив поднеле барање за азил.
– САД се подготвени за дијалог за Украина доколку Русија ја повлече својата војска, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен. – Доколку Русија ги повлече своите сили и е подготвена за преговори, ние сме подготвени да го сториме истото, рече Блинкен.
– Рускиот претседател Владимир Путин телефонски разговарал со премиерот на Израел Нафтали Бенет и го појаснил официјалниот став на Москва за ситуацијата во Украина, соопшти прес-службата на Кремљ, наведувајќи дека разговорот бил на барање на израелски премиер.
– Јапонија ќе го замрзне имотот на руските олигарси блиски до претседателот Владимир Путин, додека Токио ги заострува санкциите поради руската инвазија на Украина, објави денеска јапонскиот премиер Фумио Кишида.
– Генералштабот на украинската армија тврди дека дошол во сопственост на руски воен план на 810-та поморска бригада на Црноморската воена флота, според кој, наводно, идејата била да се покори Украина за 15 дена, објави украинска „Правда“.