Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека преговорите за Украина меѓу САД и Русија се соочуваат со значителни тешкотии. Според него, договор за клучните прашања е тешко остварлив. Во интервју за рускиот весник „Комерсант“, Лавров потенцираше дека Москва нема да дозволи повторно да стане економски зависна од западните земји и дека нема намера да се повлече од четирите украински региони кои Русија ги контролира.

Преговорите за Украина: Русија инсистира на задржување на четирите региони

Шефот на руската дипломатија наведе дека за Русија е невозможно да се откаже од овие региони, потенцирајќи ги правата на населението што таму живее.

„Зборуваме за правата на луѓето кои живеат на овие територии. Затоа тие ни се драги и не можеме да се откажеме од нив и да дозволиме луѓето да бидат протерани“, истакна Лавров.

Тој ја повтори позицијата на рускиот претседател Владимир Путин од јуни 2024 година, кога побара Украина официјално да се откаже од аспирациите за членство во НАТО и да ги повлече украинските воени сили од споменатите територии.

Крим и Косово: обвинувања за двојни стандарди на Западот

Лавров спореди две ситуации поврзани со референдумите и прогласувањата независност – оние во Крим и Косово. Тој го обвини Западот за примена на двојни критериуми. Лавров потенцираше дека западните држави не го признале референдумот на Крим, додека ја поддржале независноста на Косово.

„На Крим имаше референдум, а Западот не го призна. Во Косово немаше референдум, туку еднострано прогласување независност, кое Западот го призна“, посочи Лавров.

Рускиот дипломат тврди дека независноста на Косово била објавена без демократско изјаснување, по налог на САД, од страна на претставникот на Обединетите нации, поранешниот фински претседател Марти Ахтисари. Според Лавров, на овој начин бил игнориран територијалниот интегритет на тогашна Југославија.

Лавров обвинува: „Расистички пристап кон словенските народи“

Во интервјуто, Лавров упати остри критики кон западните земји за, како што тој ги нарече, „расистички пристапи“.

„Западот смета дека Словените немаат право на самоопределување, за разлика од Албанците. Тоа се расистички позиции. Ние веќе никому ништо не му должиме и ќе се однесуваме според сопствените интереси“, додаде рускиот министер.

Русија контролира една петтина од Украина

Русија моментално контролира околу една петтина од украинската територија. Територијата ги вклучува полуостровот Крим, анектиран во 2014 година, како и делови од регионите Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон. Повеќето држави не го признаваат рускиот суверенитет врз овие анкетирани региони, сметајќи ги за дел од украинската територија.