Премиерот испрати порака до градоначалникот и изрази „длабоко разочарување“
Во Струга, ОВР поднесе барање за поведување прекршочна постапка против општина Струга и против одговорното лице М.Ќ. (65) од село Биџево, поради непочитување на Законот за употреба на знамиња на заедниците во Р. Македонија. Станува збор за настан по повод Денот на албанското знаме, кој се одржа на 28 ноември 2025 година на улицата „Маршал Тито“. На настанот, покрај знамето на заедниците, ниту на бината, ниту на дел од кејот на реката Црн Дрим, не било истакнато државното знаме на Р. Македонија, што е законска обврска на организаторите.
На брифингот со новинарите, премиерот Христијан Мицкоски објасни дека веднаш стапил во контакт со градоначалникот на Струга, Менди Ќира, и му пренел дека е „длабоко разочаран“ од ваквата постапка.
„Лично му исправив порака на градоначалникот дека сум разочаран. Ме убедуваше дека така било секоја година, но не е така,“ изјави премиерот.
Тој додаде дека градоначалникот имал можност да покаже дека е натпартиски лидер и градоначалник на сите граѓани, но со ваквиот потег го пропуштил тоа.
Мицкоски истакна дека не очекува советниците од ВМРО-ДПМНЕ во општинскиот совет да ја поддржат одлуката на градоначалникот.
„Не мислам дека советниците на ВМРО ќе ја поддржат работата на овој градоначалник. Му кажав дека ова му е лош почеток – а нов почеток нема шанса да биде со ваков потег,“ порача премиерот.
Тој подвлече дека ваквото постапување не може да се оправда како традиција и дека локалните власти треба да бидат пример во почитувањето на обврските утврдени со закон.
