За констатирани недостатоци во третманот на 24-годишната родилка од Битола чие новороденче почина во неделата во Битолската болница, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) прекршочно ќе го гони битолскиот гинеколог М.В.. Иницијалите кажуваат дека најверојатно се работи за младиот лекар Михајло Вангелов, кој воедно е и политичар, советник во Советот на Општина Битола од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, објави „Независен“.
Според извештајот на ДСЗИ, родилката ја третирале и гинеколозите М.А. и Х.Ѓ., што веројатно се лекарите Маја Аврамовска и Христо Ѓоргиевски, пишува порталот.
ДСЗИ по извршениот вонреден инспекциски надзор на одделот за Гинекологија во Битола забележува дека има пропусти во третманот на родилката.
Иако се наведува дека во лекувањето на родилката учествувале тројца лекари, прекршочните мерки се насочени кон гинекологот, кој ја примил првично родилката ноќта помеѓу саботата и неделата. За гинекологот Вангелов ќе следуваат две прекршочни мерки според Законот за здравствена заштита.
„За константираните недостатоци од страна на ДСЗИ ќе бидат изречени прекршочни мерки за д-р М.В., за правното лице и за одговорното лице во правното лице врз основа на чл.48-а ст.1 т.1 и 2 и ст.2 и 3, а во врска со чл.6 од Законот за евиденции во областа на здравството. За д-р М.В. ќе биде изречена и прекршочна мерка по чл.313 ст.1 т.2 од Законот за здравствена заштита. Во врска со стручниот дел од лекувањето и третманот на родилката В.К. и нејзиното починато новороденче ДСЗИ ќе иницира стручен надзор, согласно чл.296 од Законот за здравствена заштита“, стои во извештајот од ДСЗИ.
Од увидот во медицинската евиденција и документација која се води во пишана и во електронска форма, како и од изјавите дадени од докторите гинеколози – акушери кои учествуваа во лекувањето и третманот на родилката, таа првпат се јавила во саботата ноќта спрема неделата, а ја прегледал д-р Вангелов, па пациентката била пуштена дома без отпусно писмо, туку ѝ било кажано да се врати на болница ако ја фатат болки или ако и пукне водењакот.
„По изјава на дежурниот лекар, пациентката била примена на одделението поради болки. По приемот на пациентката на одделението за гинекологија и акушерство на 09.04.2023 во утринските часови, по изјава на д-р М.В. дадена ѝ е терапија, по што е пуштена дома поради тоа што ‘раѓањето не било започнато’, пациентката била отпуштена дома со препорака доколку се јават болки или прскање на водењакот, да се јави на одделението. Во медицинската евиденција не се внесени дадените препораки и нема отпусно писмо. Исто така нема евидентирано анамнеза и статус на пациентката од страна на дежурниот лекар кој го извршил приемот“, констатираа инспекторите.
Така пациентката во неделата дента се вратила на болница, бидејќи породувањето почнало, а дежурните лекари Аврамовска и Ѓоргиевски породувањето го направиле со вакуум. Она што забележуваат инспекторите е дека Вангелов не им пренел на колегите дека младата родилка ја примил ноќта и ја вратил дома сѐ додека не почнат болките.
„Дежурните лекари во наредната смена изјавуваат дека при примопредавањето на дежурството не им било пренесено дека за пациентката В.К. претходно е отворена историја на болест и извршен прием на одделението, ниту пак во рапортната тетратка на докторите или медицинските сестри е евидентиран приемот на истата во ноќните часови“, велат од ДСЗИ.
Во присуство на неонатолог родено е живо машко дете со АПГАР 2, што значи биле потребни подрастични кации за спасување на новороденчето.
„По неуспешна 10 минутна реанимација од страна на неонатологот, повикан е анестезиолог и контактирана е ЈЗУ УК за детски болести и побаран е транспорт со инкубатор. И покрај упорната реанимација во траење од 2,35 часа во 18,25 ч. констатирана е смрт на новороденото од страна на присутните лекари специјалист педијатар – неонатологот и специјалист анестезиолог. Телото е предадено на обдукција “, наведуваат инспекторите.
Докторите специјалисти кој учествувале во лекувањето и третманот на пациентката и новороденото имаат лиценци за работа кои се во рок на важност.
За д-р Вангелов пред Основниот суд во Битола веќе се води спор за починато новороденче. Како што неофицијално дознава „Независен“ предметот е на одлучување во Апелација.
Вангелов и гинекологот Гоце Чакаровски, поранешен заменик-министер за здравство, во јануари 2021 година беа суспендирани од работа затоа што дозволиле трето лице кое не е вработено во оваа установа да изведе царски рез во операциска сала додека биле на дежурство. Тоа била сопругата на Вангелов, која е лекарка по професија, но не е вработена во болницата.