Премиерот Мицкоски со оптимизам за европската иднина на Македонија по Самитот во Будимпешта
На Самитот на Европската политичка заедница во Будимпешта, премиерот Христијан Мицкоски изрази зголемен оптимизам за европската иднина на Македонија, наведувајќи ја важноста на билатералните средби со бројни европски лидери. Според него, овие разговори биле фокусирани на македонската посветеност кон европскиот пат и заштитата на државните интереси.
„По овој состанок на Европската политичка заедница, уште повеќе сум убеден дека нашето место е во рамките на Европската Унија и дека Македонија има што да понуди на европското семејство,“ изјави Мицкоски, додавајќи дека е „оптимист дека мора да не биде и ќе не биде.
Работен ден исполнет со средби за иднината на Македонија
Придружуван од министрите за надворешни и европски работи, Тимчо Муцунски и Орхан Муртезани, како и од својот кабинет, Мицкоски на Самитот оствари повеќе билатерални средби. Тој и неговиот тим ги презентираа клучните македонски аргументи и визијата за развој на земјата, особено насочени кон економскиот напредок и важноста на интеграцијата во ЕУ.
„Со секоја средба сѐ повеќе ја изнесуваме вистината за Македонија и ги браниме нашите аргументи за тоа каде е нашето место – а тоа е во Европа,“ изјави премиерот, истакнувајќи дека се бори за правото на Македонија да биде дел од европската приказна. Денеска имавме исклучително продуктивен работен ден тука во Будимпешта на собирот на Европската политичка заедница, преполн со средби со европските лидери. Во текот на денот бев придружуван од министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, министерот за европски прашања Орхан Муртезани, како и членови од мојот кабинет, вклучувајќи го мојот советник за надворешна политика, амбасадорот Сашо Марковски, шефот на кабинет Владимир Неловски и други претставници,” изјави Мицкоски.
Целта е јасна: интеграција во Европската Унија
Мицкоски нагласи дека државните интереси и иднината на Македонија се приоритет за Владата, која со секој чекор се стреми да обезбеди стабилност и просперитет. Премиерот подвлече дека македонскиот народ има право на економски просперитет и развој во рамките на европското семејство, и тоа ќе биде главната водилка на Владата во претстојниот период.
„Ќе дадеме сѐ од себе за да ги одбраниме интересите на нашите граѓани и на нашата татковина, продолжуваме да се бориме за Македонија, во текот на наредните недели, месеци и години што доаѓаат. Нашата цел е да успееме, да стигнеме до позицијата која заслужуваме – а тоа е успешна приказна во Европа, со наше место во Европската Унија,” нагласи Мицкоски.