Мицкоски во својата божиќна честитка порачува дека Божиќ е ден кога тишината зборува погласно од зборовите

 

Премиерот Христијан Мицкоски во својата божиќна честитка порачува дека Божиќ е ден кога тишината зборува погласно од зборовите и кога се потсетуваме на вредностите што нè држат заедно – семејството, верата, солидарноста и меѓусебната почит.

Тој истакнува дека Христовото раѓање нè враќа кон суштинските вредности што со векови го обликувале карактерот на македонскиот народ и потсетува дека силата на едно општество започнува во домот, а стабилна држава се гради врз здрави и силни семејства.

„Божиќ нè учи дека иднината ја чуваме преку грижата за најмладите“, наведува премиерот, посочувајќи дека семејствата и децата имаат посебно место во општеството.

Според него, грижата за семејствата е грижа за иднината на Македонија, а децата заслужуваат сигурност, внимание, воспитување и средина во која ќе растат со јасни вредности, чувство на припадност и надеж.

Во време на брзи промени и бројни предизвици, празникот, како што вели, нè повикува да застанеме, да размислиме и да се вратиме кон вредностите што нè одржале – солидарноста, заемната грижа и одговорноста кон ближниот.

Премиерот нагласува и дека Божиќ е потсетник за важноста на единството, истакнувајќи дека само како заедница што се почитува, се слуша и си помага, може да се изградат стабилна, праведна и сигурна држава.

„На сите православни христијани им посакувам мир во домовите, здравје и спокој во семејствата и сила да продолжиме уште посилно, со одговорност и достоинство“, порачува премиерот, завршувајќи со традиционалниот поздрав: Христос се роди!