Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска го критикуваше претседателот Зоран Милановиќ за неговата изјава дека истакнувањето на израелското знаме на зградата на Министерството за надворешни работи на Хрватска е „идиотски потег“.

„Тоа беше гест на поддршка и солидарност по бруталниот напад на Хамас врз Израел, напад без преседан“, изјави Пленковиќ за новинарите во Забок.

Премиерот додаде дека тоа е „непотребно“ и дека Милановиќ вели дека ги загубил симпатиите кон Израел, „како и многу работи што ги кажува и прави“, пренесе агенцијата Хина.

Пленковиќ рече дека затоа Владата, која „во принцип ги носи сите важни надворешнополитички одлуки“, повторно ќе мора да го толкува ставот на Хрватска.

Премиерот одговори на новинарското прашање за изјавата на Милановиќ дека истакнувањето на знамето на зградата на министерството е „идиотски потег“ и дека во Хрватска „нема место за други знамиња, освен за строго регулирани ситуации кога знамето е на национално малцинство или знамето на НАТО и Европската Унија“.

Милановиќ во четвртокот рече и дека Израел „ги загубил симпатиите“ и дека оваа земја „апсолутно има право да се брани, но тоа не го вклучува правото на одмазда и масакр“.

Односите меѓу премиерот и претседателот, кои се од различни политички опции – Пленковиќ е од владејачката Хрватска демократска заедница, а Милановиќ од опозициската Социјалдемократска партија, веќе подолго време се сериозно нарушени. Тие често вербално се судираат преку медиумите и искажуваат различни ставови, особено за надворешната политика на која според Уставот се претседателот и владата.