Премиерот на Шри Ланка, Ранил Викремесинге денеска изјави дека неговата Влада работи на тоа Парламентот да почне да ја контролира работата на претседателот и на министрите.

– Според нашиот нов предлог-закон, претседателот и министрите ќе одговараат пред Парламентот, истакна Викремесинге во телевизиско обраќање.

Премиерот посочи дека неговата Влада предложила усвојување закон со кој Парламентот ќе добие повеќе овластувања, додавајќи дека ќе се формираат над 10 независни комисии за собраниски надзор и финансиска контрола.

Премиерот на Шри Ланка се одлучи на таков потег по неколкунеделните улични протести предизвикани од најлошата економска криза во таа земја во изминатите децении.

Тешко погодена од пандемијата на Ковид-19, зголемувањето на цените на нафтата и популистичките даночни намалувања, Шри Ланка се соочува со огромна инфлација и недостиг на гориво и други основни потреби, што овој месец доведе до оставка на премиерот Махинда Рајапакса и неговиот кабинет.

Опозициските лидери ја обвинија владата на Рајапакса за несразмерно зголемување на претседателските овластувања и слабеење на улогата на Парламентот при донесувањето закони.