Суданскиот премиер Абдала Хамдок синоќа поднесе оставка од функцијата поради политичкиот застој во земјата по воениот удар, кој ја забави транзицијата кон демократија.

Суданците со месеци протестираа против военото преземање на власта во октомври и последователниот договор за враќање на премиерот Абдала Хамдок, што, според нивното мислење, го маргинализираше пресвртот остварен во таа земја.

Протестите биле организирани од продемократско движење што доведе до бунт против поранешниот претседател Омар ал-Башир, а подоцна постигна договор за поделба на власта со генералите во месеците по соборувањето на Башир.

Односите меѓу генералите и цивилите во преодната влада беа нестабилни и на крајот доведоа до воено преземање на 25 октомври кога владата на Хамдок беше сменета.

Премиерот Хамдок беше повторно вратен на функцијата премиер минатиот месец под меѓународен притисок во договорот што предвидува независна технократска влада под воен надзор. Договорот вклучуваше ослободување на владини претставници и политичари уапсени од војската за време на пучот.

Продемократското движење инсистира власта да и се предаде на цивилната влада за да може да ја води транзицијата. Во нивните протести се повторува паролата „Нема преговори, нема компромис“.

Суданските безбедносни сили вчера насилно ги растераа протестите, а најмалку две лица беа убиени, соопшти продемократскиот судански Лекарски комитет.

Најмалку 56 лица се убиени од почетокот на протестите, а стотици други се повредени.