Мицкоски ќе предложи повеќе типови потрошувачка кошничка
Премиерот Христијан Мицкоски од Тетово најави дека активно се работи на нови анализи за потрошувачка кошничка. Со цел појасно дефинирање на животните трошоци. Премиерот информираше дека предложил поделба на кошничката во пет категории, според составот и возраста на домаќинствата.
Овој предлог ќе биде изнесен на претстојниот состанок на Економско-социјалниот совет (ЕСС), каде што, според Мицкоски, треба да се води широка дискусија за потребите на различни категории граѓани.
Одговарајќи на прашање поврзано со најновите податоци за минималната синдикална кошничка, која денеска е зголемена за 600 денари, Мицкоски објасни дека Владата размислува за нови чекори.
„На тој Економско-социјален совет претставниците на синдикатите, на работодавачите и Владата ќе разговараат и за потрошувачката кошничка, којашто мислам дека треба да биде поделена во пет сегменти: потрошувачката кошничка за самец, потрошувачка кошничка за млад брачен пар, за трочлено семејство, за четиричлено семејство и потрошувачка кошничка за пензионери. Мислам дека треба во иднина да опфатиме анализа на пет потрошувачки кошнички, затоа што потребите на луѓето се според возраста, се разбира. Но, исто така потребите на луѓето се во зависност од бројноста, како е сочината една заедница,“ рече премиерот.
Мицкоски додаде дека предложената поделба е резултат на разговори со академската заедница.
„Мислам дека е добар за разгледување и за дебата на тој Економско-социјален совет, да имаме неколку потрошувачки кошнички, бидејќи потребите на еден пар пензионери не е ист како на еден млад брачен пар, или пак на трочлено и на четиричлено семејство или пак на самец. Јас немам проблем да направиме една ваква темелна анализа, бидејќи само со повеќе анализи, со повеќе податоци можеме да дојдеме до подобри резултати,“ изјави Мицкоски.
Најавени и мерки за стабилизирање на цените
Премиерот истакна дека паралелно се работи на мерки за намалување на цените на основните производи.
Во процесот, како што рече, учествуваат експерти и професори, како и министерот за економија и труд. Целта е преку анализа и мерки да се одговори на актуелните економски предизвици, при што потрошувачка кошничка останува клучен индикатор.
Мицкоски нагласи дека очекува наскоро да се закаже седница на ЕСС, каде што ќе се дискутира и за предложената нова поделба на потрошувачките категории.