Денеска пратеничката група на коалицијата „Обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, сите пратеници едногласно сите ја поддржаа ратификацијата на протоколите кон северноатлантскиот договор, а во врска со пристапувањето на Шведска и на Финска во НАТО. Сметаме дека ова се две силни и напредни демократии кои што ќе бидат додадена вредност во безбедноста на цела Европа. Сметаме дека тоа е добро за НАТО, и тоа е добро за целокупната демократска Европа, истакна Љупчо Пренџов, пратеник од редовите на коалицијата „Обнова на Македонија“ на денешната прес конференција.
Пренџов додаде дека може многу да се учи од скандинавските земји, како на пример Данска и Шведска имаат сериозни разлики и полемики околу националните грбови на двете држави, но никогаш едната не ја блокира другата во интеграциите кои што се во интерес на нивните граѓани. Исто така Норвешка и Шведска имаат сериозни дискусии и дебати дури и несогласувања во врска со јазикот кој што им е многу сличен, но никогаш Шведска или Норвешка нема да се одлучат да го блокираат првиот сосед како што тоа е случај на Балканот.
-Сметам дека ова е добро за НАТО, сметам дека овие две напредни демократии ќе бидат додадена вредност и сметам дека посебно ние на Балканот можеме да научиме многу од тоа како може да си помагаме едни на други, а целиот регион да оди напред во интерес пред се благодет на граѓаните и безбедноста на државите, рече пратеникот.