Како што информираат од МВР, полициската акција била спроведена во текот на вчерашниот ден од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал (ОСОСК) во содејство со полициски службеници од ОВР Гостивар
Имено, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, во периодот до декември 2021, пријавените лица Е.М., Х.Ф., Е.И. и Б.П., од кои три се од Гостивар и едно од Дебар, на возраст од 30 до 47 години, набавиле марихуана, која ја сместиле во објект во гостиварско, а на 14 декември 2021 дел од неа, по претходен договор ја предале на еден од пријавените, кој со товарно возило за одреден паричен надомест требало да ја транспортира до Бугарија, соопшти портпаролката на МВР Сузана Прањиќ Талевска.
Од МВР информираат дека вчера околу 17:15 часот, од страна на полициските службеници при ОСОСК на патарина „Глумово“, при преглед во товарното возило „Ман“ со приколка, со дебарски регистарски ознаки, биле пронајдени 19 црни вреќи, во кои биле сместени вкупно 189 пакувања со марихуана.
Истиот ден, врз основа на Наредба издадена од судија на претходна постапка при Основен кривичен суд – Скопје, извршени се претреси на неколку локации во Гостивар, при што се пронајдени поголем износ пари во различни валути и апоени и предмети за истражната постапка.
Од Основното јавно обвинителство пак, информираа дека е донесена наредба за спроведување на истражна постапка против четирите лица, заради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори”.