Политички реваншизам бил мотивот за начинот на кој што беше уапсен Љубе Бошкоски тврдеше Обвинителството во завршните зборови за случајот „Тортура“. Имало мачење при апсењето на Љубе Бошкоски на 6 јуни 2011-тата година, еден ден по тогашните парламентарни избори. Бошкоски не давал отпор, а била употребена полициска сила, бил легнат наземи, го снимале телевизиски камери и сето тоа предизвикало психичко страдање – рече обвинителството.

Комплексноста на кривично правниот настан во својата суштина опфаќа повеќе дејствија – од првичната непотребна употреба на прекумерна сила, легнување на земја, малтретирање, понижување и омаловажување пред камера, но и свесното и интензивно прикажување на оваа постапка пред широк аудиториум, а со јасна и директна намера на комплетно и апсолутно лично и политичко уништување на политичкиот противник, жртвата во јавност, рече обвинителот Лапе.

Видео снимката на МВР од апсењето на Бошковски, за обвинителот Лапе е потврда за делата за кои се товарат обвинетите. Адвокатите на обвинетите за апсењето на Бошковски, велат дека е чисто изведена полициска акција.

„До ваквиот заклучок одбраната доаѓа по извршената анализа на одбраните на обвинетите кои на прашање на судот дали помеѓу нив и Сашо Мијалков бил реализиран каков било телефонски или друг вид контакт пред и после настанот и дали лично го познавале Сашо Мијалков, децидно одговорија дека ниту лично го познавале ниту кога било имале остварено каков било вид контакт со Сашо Мијалков“, рече адвокатот Љупчо Шврговски.

И во овој случај, прво обвинет е екс-директор на УБК, Сашо Мијалков. Тој се товари за кривичното дело „мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување“. За истото кривично дело се осомничени и шест поранешни припадници на единицата „Алфа“.