Претседателот Стево Пендаровски денеска прими средношколци кои победија на годинашното македонско суперфинале од 48-часовниот хакатон „НАСА спејс апс челинџ 2022“, во организација на Американската агенција за вселенски истражувања НАСА.

Претседателот Пендаровски беше информиран за високиот потенцијал на реализираните проекти на неодамнешниот натпревар, што резултира со избрани два победнички тима од страна на жири комисијата, за прв пат во 10 годишното одржување на „НАСА спејс апс челинџ“, кај нас. На средбата победниците говореа за нивните импресии и искуствата од хакатонот, како и за различните области на познавање кои им биле неопходни за реализација на нивните решенија, соопшти кабинетот на шефот на државата.

Учениците од гимназијата „Зеф Љуш Марку“, кои го сочинуваат тимот YCCC-SPACE EAGLES ја прикажаа нивната интерактивна мобилна апликација и интернет страницата преку која можат да се истражуваат позициите и големините на кратерите на Месечината предизвикани од земјотреси, користејќи сеизмички и геофизички податоци добиени од НАСА. Нивното решение е достапно на интернет страницата: https://www.moonquakes.earth а целосниот проект на којшто работеа на линкот: https://2022.spaceappschallenge.org/…/space…/project.

Вториот победнички тим, AERTH, составен од ученици од гимназиите „Раде Јовчевски Корчагин“ и „Орце Николов”, го запознаа претседателот Пендаровски со нивното решение кое овозможува следење и предвидување на движењето на Меѓународната Вселенска Станица, притоа осознавајќи многу интересни и значајни факти за силите кои влијаат на нејзината траекторија. Изработката на ова решение наложува познавања од математика, орбитална механика, физика и програмирање, а достапно е на нивната интернет страница: https://aerthisstracker.study. Нивниот целосен проект, пак, е достапен на линкот: https://2022.spaceappschallenge.org/…/teams/aerth/project.

Претседателот Пендаровски ја нагласи важноста на овој интернационален настан кој го препознава исклучителниот квалитет, амбициозност и талент кај нашите млади луѓе, поттикнувајќи го нивниот интерес за STEM технологиите. Упатувајќи честитки до победниците, тој изрази задоволство што од нашата држава континуирано произлегуваат високо мотивирани и креативни профили од различни области, кои тимски ги совладуваат зададените сложени предизвици на овој натпревар.

Во таа насока, Пендаровски изрази уверување дека учесниците коишто ќе го посетат „НАСА Кенеди спејс центарот“ во Флорида, САД, ќе ја искористат оваа заслужена привилегија за нивниот натамошен личен и професионален развој, кој пак несомнено ќе има позитивен придонес кон пошироката заедница во која живеат, сенаведува во соопштението од кабинетот на претседателот