Претставниците на Сојузот на здруженија на дијабетичари го информираа претседателот Пендаровски за досегашната работа и ги посочија предизвиците со кои се соочуваат.

Тие го запознаа претседателот Пендаровски со приоритетите во нивната програма насочени кон реализација на Национална програма за дијабетес 2020 – 2030, воспоставување функционален Национален регистер на лица со дијабетес и заокружување на процесот за најсовремен третман на дијабетес со набавка на современи дигитални медицински помагала.

На средбата, соговорниците разговараа за состојбата во нашата држава, при што беа посочени загрижувачки податоци кои покажуваат дека од 125 000 пациенти со дијабетес, над 45 000 примаат инсулинска терапија. Од нив, 500 се деца со дијабетес Тип 1. Според Сојузот, порастот на бројот на заболени се должи на забрзаното темпо на урбанизација, седечкиот начин на живот, како и лошата исхрана.

Од Сојузот истакнаа дека во последните години имаат добра соработка со надлежните институции, како и со клиниките кои го третираат дијабетесот и компликациите од него.

Честитајќи го 20 годишниот јубилеј од постоење на Сојузот,  Пендаровски оддаде признание за нивните напори за подобрување на квалитетот на животот на лицата со дијабетес. Порача дека освен зголемување на свеста, неопходно е во нашата држава да се ангажираат сите потребни ресурси во справување со дијабетесот.