Претседателот Стево Пендаровски од денеска учествува на Годишниот состанок на Светскиот економски форум кој се одржува во швајцарскиот град Давос.

Како што соопшти неговиот Кабинет, утре е предвидено Пендаровски да учествува на панел сесијата „Одржувањето на безбедноста во Европа“, на која ќе зборуваат и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, премиерот на Белгија, Александар де Кро, како и министерката за одбрана на Холандија, Кајса Олонгрен.

В среда, шефот на државата ќе учествува на сесијата „Дијалог за дипломатија на Западен Балкан“.

Предвидено е претседателот Пендаровски да оствари и повеќе билатерални средби со учесници на Форумот.

Светскиот економски форум во Давос се одржува од 22 до 26 мај 2022 година, а се очекува речиси 2.500 лидери од политиката, бизнисот, граѓанското општество и медиумите да дискутираат за глобалните прашања и најитните предизвици во светот, вклучувајќи ја тековната пандемија, војната во Украина, гео-економските шокови и климатските промени.