Проектот се реализираше во период од октомври 2020 година до декември 2021 година, учествуваа 15 општини, 15 градоначалници, 75 советници од Советите на општините и бизнис експерти.

Општините што беа дел од проектот се: Прилеп, Куманово, Тетово, Битола, Кочани, Охрид, Гевгелија, Гостивар, Кавадарци, Велес, Штип, Струмица, Пласница, Ранковце и Аеродром. Општините се со различна големина и број на жители, различен етнички состав на населението, различен профил на општините од аспект на тоа дали се работи за претежно урбана или рурална општина, различна географска позиционираност на општините – погранична зона и слично.

Зоран Јовановски од магазинот Економија и бизнис ги презентираше резултатите, при што 12 градоначалници одговориле дека најмногу проекти за време на нивниот мандат оствариле во делот на инфраструктурата.

Како помошна алатка, за подобро управување на општините, седум градоначалници одговориле дека решението е во фискалната децентрализација, а само двајца истакнале дека е потребна поголема транспарентност. Сите градоначалници се согласиле дека е потребна и поголема децентрализација. На прашањето дали има нешто што самата општина може да го промени во однос на приходи, расходи и општо во своето работење, осум градоначалници истакнале дека решението е во подобро финансирање на општините.

Резултатите од анкетата покажуваат дека фискалниот капацитет е клучен за обезбедување долгорочна одржливост на финансиите и општо здравата основа на работење на општината.

При анализа на Буџетот, спроведена е анализа на податоци само за 2019 година, односно пред почетокот на пандемијата на коронавирусот. Забележана е ограниченост на податоците, односно бројот на жители во општината не е конкретно дефиниран, а забележано е и отсуство на одредени податоци.

Во просек, 66,6 проценти од вкупните приходи на општините опфатени во овој проект, доаѓаат од централната власт. Даночните приходи во просек учествуваат со 9,7 отсто, а приходите на данок на имот со 8,4 проценти.

Податоците покажуваат дека на расходи за плати отпаѓаат 48 отсто, а на капитални расходи 17,5 проценти од вкупните расходи. Исто така, на 1000 жители, во просек вработени се 2,8 лица во општинска администрација. Како загрижувачки факт, се посочува и тоа што во 2019 година на одреден период, четири од вкупно 15 опфатени општини имале блокирани сметки.