Полициски службеници од Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи, во координација со Државниот пазарен инспекторат, денеска спроведоа акциска контрола, при што се одземени 18 парчиња оружје и 111 парчиња муниција.

Како што соопошти МВР, акциска контрола е спроведоа на подрачјето на целата држава во периодот од 04:00 до 08:00 часот, со цел санкционирање на кривични дела и прекршоци поврзани со Законот за оружје, Законот за ловство, Кривичниот законик и др.

Во рамки на акцијата се извршени контроли на 160 локации на подрачјето на сите сектори за внатрешни работи, при што се приведени 10 лица, а лишени од слобода се пет лица кои не ги почитувале горенаведените законски одредби.

– Во рамки на контролата утврдени се шест кривични дела од кои пет по член 396 од Кривичниот законик – за недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи и 1 по член 215 од Кривичниот законик – за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Констатирани се и 23 прекршоци од кои 17 по Законот за оружјето и Законот за ловство, додека 6 прекршоци се однесуваат на други закони, соопштија од МВР.

Против сите лица кои сториле прекршок или кривично дело, по документирање на случаите ќе биде поднесена соодветна пријава.