Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски остро реагираше во врска со случајот со Ива Михајлова. Тој нагласи дека земјите членки на Европската Унија мора да ги почитуваат највисоките правни стандарди. Ваквиот став беше презентиран на заедничката прес-конференција со словачкиот министер за надворешни и европски работи Јурај Бланар.
Муцунски подвлече дека е недозволиво земја од Унијата да служи како засолниште за лица со пресуди или судски постапки.
„Навистина е непристојно една земја членка на Европската Унија да станува прибежиште за оние што или се осудени за сторени кривични дела или се лица за кои има степен на сомнеж и се водат постапки во рамките на судовите во државата. Но, ќе бидам тука внимателен затоа што на линија на она што го кажа и претседателот на Владата, Мицкоски, пред неколку дена – немаме интерес да си дозволиме да станеме дел од естрадата поврзана со оваа тема во Бугарија, која е поврзана и со претседателските избори, кои се во тек во таа држава“, изјави Муцунски.
Тој додаде дека на средбата со Бланар било истакнато македонското очекување, како земја кандидат за членство, земјите членки на Европската Унија доследно да ги применуваат принципите на владеење на правото. Шефот на дипломатијата потврди дека билатералниот дијалог со Софија околу европските интеграции продолжува, паралелно со комуникацијата со сите останати партнери.
„Дијалог има и тој ќе продолжи. Пред неколку дена во Црна Гора се сретнав со францускиот министер за европски прашања, каде што, меѓу другото, дискутиравме и за оваа тема. Денес, тука е колегата Јурај и ова беше една тема за која активно разговаравме, бидејќи нели сите одлуки поврзани со нашата европска интеграција, за нив е потребен консензус. Што значи било какво решение за коешто работиме со Бугарија да го постигнеме, коешто хипотетички би било на линија на нашите позиции, одржливо решение, е потребно да има консензус од сите земји членки. Така да дијалог со Бугарија има, дијалог со европските институции по ова прашање има и дијалог со сите земји членки на Европската Унија. Ќе продолжиме да работиме по тоа прашање, бидејќи ние по однос на европскиот пат немаме никаква алтернатива“, рече Муцунски.
Во однос на директна средба со бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова, Муцунски појасни дека засега нема конкретно закажан термин, но најави претстојни меѓународни форуми во декември, вклучувајќи го состанокот на министрите на НАТО.
„Очекуваме ние да бидеме домаќин на формат министри за надворешни работи соработка на земјите од Југоисточна Европа со Украина исто така во месец декември, така да верувам дека ќе има прилика да се сретнам со мојата колешка од Бугарија и отворено да разговараме и за европскиот пат, но отворено и да дискутираме за одредени прашања коишто нас како сосед и не само како земја кандидат, но и како земја рамноправен член во НАТО, за состојби коишто не загрижуваат во однесувањето оттаму, но денес тука ќе застанам бидејќи не ми е целта моја изјава да стане дел од политичка кампања во Бугарија“, истакна Муцунски.
