Премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашање ги отфрли обвинувањата на претседателот на опозициска СДСМ, Венко Филипче, укажувајќи му дека обидите за поврзување на актуелните политички случувања во Србија со него и со Владата се засноваат на лаги и политички конструкции.

– Овие прес-конференции кои што вашата политичка партија ги пренесува, а што се однесуваат за изборите во Србија и нивното поврзување со нас во контекст на тој кој чиј и каков ментор бил, нема да ги коментирам. Ќе оставам на времето да даде одговор на сето тоа кое што вие го кажувате денеска и лагите кои ги испраќате. Јас вчера во една моја изјава се извинив на граѓаните за сето она кое што ќе го слушаат во периодот што следи. Тоа е едноставно нивото со кое што вие мислите дека во овој момент ќе добиете гласови. Тоа е ваша одлука, слободно водете политика она како што мислите. Но, ако мене ме прашувате за совет, мислам дека чекорите многу погрешно. Но, тоа е ваша одлука, јас нема тука да се мешам – рече Мицкоски.

Истото го зборувавте и за Виктор Орбан пред 6 месеци, истите прес конференции од А до Ш, додаде Мицкоски.

– И тогаш велевте ќе се откриеле криминалите на Мицко со Орбан, не знам што ќе се случуваше итн. Но, еве поминаа 6 месеци, се откри една работа, дека сме земале добар финансиски кредит од Унгарија. Кредит кој што го употребивме соодветно, а доказ за тоа дали сме го употребиле соодветно е денешниот извештај од Државниот завод за ревизија – рече премиерот.

Тој посочи дека наместо најавуваните скандали од опозициската СДСМ, досегашните информации покажуваат дека средствата од унгарскиот кредит биле искористени за поддршка на економијата и на домашното стопанство, а тоа го потврдил Државниот завод за ревизија.

– Денеска Државниот завод за ревизија вели дека средствата од унгарскиот кредит се наменети за раст на македонската економија, дел дека се наменети за враќање на евро обврзница која што вашата влада ја има подигнато, тоа е половина милијарда и дел се за поддршка на македонското стопанство. Значи во овие 6 месеци нема ни К од криминал, туку потврда дека оваа влада за оваа држава направила добро дело – рече Мицкоски.

Пратеникот Венко Филипче му рече на Мицкоски дека постепено го губел својот систем на поддршка од Србија и дека ќе мора да одговара на прашања за финансиски трансфери, банкарски зделки и други сомнежи за кои, како што посочи, ќе требало да се бараат одговори и пред европските институции.